Никозија – Европската економија заостанува зад конкурентите од САД и Кина, предупреди во петокот премиерот Роберт Голоб по состанокот на медитеранските членки на ЕУ на Кипар. Лидерите, во друштво на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и јорданскиот крал Абдула II, меѓу другото разговараа и за Блискиот Исток. Следниот состанок ќе го угости Словенија.
На состанокот во формат Мед9, со исклучок на португалскиот премиер Луис Монтенегро, учествуваа лидерите на сите девет држави членки на неформалната група која покрај Словенија, Португалија и домаќинката ја сочинуваат Франција, Италија, Шпанија, Грција, Малта и Хрватска. Лидерите на неформалниот состанок се осврнаа на ситуациите на Блискиот Исток за кои изразија загриженост и повикаа на примирје.
Како што изјави Голоб на заедничката прес-конференција, Словенија ги поддржува мировните иницијативи, како и повикот на францускиот претседател Емануел Макрон за запирање на испораките на оружје што се користи во Газа и Либан.
На темата за економската состојба на ЕУ Голоб изјави дека таа заостанува зад конкурентите од САД и Кина, како главни причини за тоа наведувајќи ја скапата енергија и ограничениот пристап до свежи инвестициски средства. При тоа додаде дека фон дер Лајен претставила “многу конкретна стратегија” како ќе ги решаваме овие прашања. “Верувам дека заедно ќе успееме, но сепак без дополнителни средства, и за функционирање на европскиот буџет, нема да се оди,” смета Голоб.
Лидерите на медитеранските држави се осврнаа и на прашањето за миграциите, каде што се согласија дека е неопходно да се засили соработката со соседството на ЕУ, вклучително и со државите на потекло, за да се овозможи “побрзо и поефикасно враќање на оние кои ни дојдоа незаконски,” истакна Голоб. (11 октомври)