ЛУКСЕМБУРГ – Новиот електронски систем кој ќе го регистрира влегувањето и излегувањето од Европската унија треба да почне да се применува наскоро, но не во ноември како што било најавено и сигурно нема да биде воведен на сите граници истовремено, изјави во четвртокот хрватскиот министер за внатрешни работи Давор Божиновиќ.
Комесарката за внатрешни работи Илва Јохансон неодамна изјави дека системот за влегувањето и излегувањето (EES) ќе почне да се применува на 8 ноември, но испадна дека сè уште не е сè подготвено да би се започнало тогаш.
Германија, Франција и Холандија на кои им отпаѓа околу 40 проценти од сите прелези на граница во ЕУ уште не потврдиле дека се подготвени, при што истакнуваат дека за тоа е одговорна Агенцијата за оперативно управување со обемни информативни системи во подрачјето на слобода, безбедност и правда (eu-LISA), која уште не може да гарантира стабилност на системот.
„Хрватска е подготвена и таа меѓу првите ја декларираше својата подготвеност. Меѓутоа, сега се води расправа дали централниот систем на ниво на ЕУ е подготвен и мислам дека сега можеме да кажеме дека тоа нема да биде во ноември, ниту ќе системот биде воведен на сите гранични премини во сите држави одеднаш“, рече Божиновиќ по состанокот на министрите за внатрешни работи на државите-членки на ЕУ, на кој, меѓу другото, се разговараше за ова прашање.
EES е заеднички електронски систем кој ќе ги бележи и зачувува информациите за датумот, времето и местото на влез и излез на државјани на земји надвор од ЕУ кои ги преминуваат границите на ЕУ, со што дефинитивно се напушта печатот во пасошите.
Автоматски ќе го пресметува траењето на допуштениот престој на тие државјани на трети земји и ќе издава предупредувања до државите-членки на ЕУ за истекот на периодот на допуштениот престој.
Ќе се применува на лица на кои им е потребна виза за краткотраен престој и на оние кои доаѓаат од земји надвор од ЕУ изземени од обврската за поседување виза. (10 октомври 2024 година.)