Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека Албанија е првата земја која го пренесува законодавството на Европската унија во рамките на преговорите, преку моделот на вештачката интелигенција.
Присутен на регионалната конференција „Формирање на иднината на GovTech“, Премиерот ги наведе некои од областите во кои Албанија има направено напредок благодарение на користењето на вештачката интелигенција.
Во овој контекст, Рама рече дека земјата прави напредок во интеграцијата во ЕУ, конкретно во фазата на преговори за членство, благодарејќи и на сосем нов инструмент кој до сега не бил користен во ниту една друга држава.
„Ова не се случило ниту од државите кои денес преговараат за членството. Тоа е модел изграден од нас преку вештачка интелигенција. Овој модел ни дава можност да реализираме многу побрзо отколку порано целиот процес на пренос на целото законодавно тело на ЕУ, преведување во рекордно време, но и да имаме анализи на текстовите за оние аспекти кои ни се важни во однос на импактот на овие нови закони кои треба да се пренесат во законодавното тело на Албанија“, рече Рама.
Премиерот нагласи дека станува збор за илјадници документи. Порано ритамот на работата во однос на овој вид законодавство беше околу 60 делови годишно, кога станува збор за 4 илјади делови. Од овие бројки изгледа дека процесот би бил многу долг и би требало цела армија со преведувачи, драфтери и коректори.
Албанија ги отвори на 15 октомври оваа година преговорите за првиот блок на процесот на членство во Европската унија, на втората меѓувладина конференција меѓу Албанија и Европската унија која се одржа во Луксембург. Албанија тежи за членство од 2003 година кога заедно со другите земји од Западен Балкан беше идентификувана како потенцијален кандидат за членство во ЕУ за време на самитот на Европскиот совет во Солун во јуни 2003. (10 декември)