Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски вчера од Брисел порача дека секој кој ќе отвори тема за идентитетските прашања не мисли добро на соседот, а уште помалку ги почитува европските вредности. Во двата договора стои дека земјите-членки треба безусловно да нè поддржуваат. Македонија никому не оспорува ништо и не сакаме нас да нè оспоруваат, порача вчера премиерот Христијан Мицкоски од Брисел. Техничкиот премиер на Бугарија Димитар Главчев, пак, вчера рече дека можат да се водат секакви дијалози, но оти позицијата на Софија не е променета.

Мицкоски, кој во Брисел учествуваше на Самитот ЕУ – Западен Балкан, во интервју за МТВ истакна дека билатералната соработка е клучна кога се зборува за економска соработка, туризам, размената на know-how вештини, образованието итн. и оти тука тој процес има додадена вредност.

– Доколку билатералните разговори и преговори се донесуваат на идентитетските прашања, тогаш тука тој процес никако не може да заврши успешно, бидејќи е поврзан со емоцијата, а не со рационалното. Секој оној процес којшто е поврзан со емоцијата не може да биде процес којшто ќе се темели на напредок, на квалитет и на испорака на резултати. Затоа, замолив емотивните билатерални прашања да ги оставиме на страна и да ги читаме правилно договорите. И двата договора велат дека земјите-членки коишто се втора страна, во едниот Грција, во другиот Бугарија, треба безусловно да нè поддржуваат. Никаде во Договорот за добрососедство не стои делот којшто нас нè обврзува на уставни измени. Потребно е правилно да ги гледаме работите, на вистината да ѝ погледнеме во очи, а не онака нас како што ни одговара, изјави премиерот Мицкоски, додавајќи дека билатералната соработка треба да има онаму каде што има рацио, додека билатерална соработка каде што има идентитетски прашања не доаѓа в предвид.

Мицкоски рече дека „влијателен премиер на држава“, кажал дека и во 2004 година кога имало голем бран на проширување на ЕУ, може да се каже дека ниту една од тие земји коишто станаа членки, не ги исполнуваа критериумите согласно поглавјата, согласно кластерите. Но, премиерот, како што рече Мицкоски, предочил дека постоела храбра политичка одлука пакетот да се затвори, односно сите тие земји да станат членки на ЕУ. 

– Па така и сега очекувам дека ќе се создадат услови за една храбра одлука од страна на ЕУ да можат сите земји од Западен Балкан наеднаш да бидат примени во рамките на ЕУ, истакна Мицкоски. (20 декември) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.