Сараево, (Фена) – Делегацијата на Европската унија во Босна и Херцеговина и амбасадите на Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство, Германија, Франција и Италија, по последната посебна седница на законодавното тело на еден од двата ентитета во БиХ, Народното собрание на Република Српска (НСРС), во заедничка изјава недвосмислено го потврдија приматот на Уставот и Уставниот суд на БиХ.
Имено, НСРС на седницата одржана пред два дена донесе низа заклучоци, меѓу кои и заклучокот дека целиот законодавен материјал прво се разгледува во НСРС, а потоа на седниците на државната Парламентарна скупштина на Босна и Херцеговина, што не е во согласност со Дејтонскиот договор.
– Дејтонскиот мировен договор јасно наведува во Анекс 4, Член 3. “Ентитетите и која било нивна единица целосно ќе го почитуваат овој Устав, кој ги заменува взаемно неспоивите одредби на законодавството на Босна и Херцеговина и уставите и законите на ентитетите, како и одлуките на установите на Босна и Херцеговина.” Сите закони и заклучоци што ги носат пониските органи – вклучувајќи парламентарни тела на двата ентитета – мора да бидат во согласност со Уставот, во согласност со јурисдикцијата на Уставниот суд на БиХ – наведоа.
Тврдат дека ниту еден ентитет нема овластување да го оспори приматот на институциите или законите на БиХ.
– Заклучоците што ги усвои НСРС претставуваат сериозна закана за уставниот поредок на земјата и како такви се антидејтонски и директно го подриваат авторитетот на институциите на владеење на правото на државното ниво и патот на БиХ кон евроатлантските интеграции – истакнаа во соопштението.
Истакнаа дека, во моментот кога формалното отворање на преговорите за пристапување во ЕУ никогаш не било поблиску, враќањето на политичките блокади имало негативни последици за сите граѓани на БиХ, од кои мнозинството ги поддржува пристапувањето во ЕУ.
– Ние, амбасадите на Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство, Германија, Франција и Италија, заедно со Делегацијата на Европската унија во БиХ и специјалниот претставник на ЕУ, ја повтораме нашата поддршка за суверенитетот, независноста, територијалниот интегритет и мултиетничкиот карактер на БиХ, како и високот претставник кој, во согласност со своите овластувања според Дејтонскиот мировен договор/Анекс X, е конечниот толкувач на цивилните аспекти на Дејтонскиот мировен договор – изјавија.