Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Православните христијани во земјава денеска го слават Рождеството Христово – Божик. Во сите храмови на Македонската православна црква-Охридска архиепископија изутринава се одржуваат божикни литургии. Централното одбележување е во Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, каде архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан ќе богослужи литургија на Св. Василиј Велики.

Вселенскиот патријарх Вартоломеј кон крајот на декември првпат во историјата божиќното посланието го објави и на македонски јазик, откако на 9 мај лани Светиот синод на Вселенската Патријаршија, возглавен од патријархот Вартоломеј одлучи да ја отстрани повеќедецениската шизма наложена врз нашата древна Охридска Архиепископија, возобновена во лицето на МПЦ, признавајќи ја црковната јерархија предводена од архиепископот Стефан за канонска и валидна во сеправославниот свет и воспоставувајќи канонско и литургиско општење со неа. (7 јануари)

Советникот на Стејт департментот Шоле во посета на Северна Македонија, Косово и Србија

Скопје – Советникот на Стејт департментот на САД Дерек Шоле од 11 до 13 јануари годинава ќе ги посети Северна Македонија, Косово и Србија. Целта на посетата, како што објави Стејт департментот, е да ја нагласи трајната посветеност на САД за мир, стабилност и просперитет на Западен Балкан.

На 11 јануари Шоле ќе престојува во Скопје, со посебна меѓуагенциска делегација. Предвидено е да се сретне со владини претставници и да разговара за повеќе прашања, меѓу кои енергетиката, економијата и борбата против корупцијата.

Американскиот советник од Скопје заминува за Приштина на средби со владини претставници, политички лидери и претставници на граѓанското општество.

На 12 јануари, Шоле ќе продолжи во Белград, каде со раководството на српската Влада ќе разговара за енергетската безбедност, регионалната економска интеграција и напредокот кон целта на Србија за пристап во ЕУ. (8 јануари)

Дел од албанските партии ќе одат на средбата во Тирана организирана од Рама

Скопје – Дел од албанските партии во земјава потврдија дека ќе одат на средбата во Тирана што ја организира албанскиот премиер Еди Рама.

Од „Алтернатива“, „Алијанса за Албанците“ и од „Беса“ за МИА изјавија дека добиле покана за средба и дека ќе одат, но не прецизираа детали. МИА побара одговор и од ДУИ, но оттаму досега нема одговор.

Од „Алтернатива“ потврдија дека претседателот на партијата Африм Гаши ќе присуствува на средбата, но дека не се знае за што ќе се разговара.

И од „Беса“ за МИА потврдија дека е добиена покана за средба од страна на Рама, но нема детали дали некој од партијата ќе присуствува на средбата.

Агенцијата „Журнал“ јави дека Рама ги поканил лидерите на партиите на Албанците од земјава на неформална средба во вторник. Поканети се лидерот на ДУИ Али Ахмети, на Алијансата за Албанците Арбен Таравари, на Движењето Беса, Билал Касами, на Алтернатива Африм Гаши и лидерот на ДПА, Мендух Тачи. (8 јануари)

Османи: Како претседавачи со ОБСЕ влегуваме со мотото „Се работи за луѓето“

Скопје – Како претседавачи со ОБСЕ влегуваме со мотото „Се работи за луѓето“ (It’s about people), бидејќи на крајот луѓето се големите конзументи и корисници на сето тоа што ние го правиме во политиката, истакна на брифинг со новинарите шефот на дипломатијата, Бујар Османи.

– Имајќи го предвид ова наше искуство, преку нашата ОБСЕ мисија, сметавме дека ако некој знае што значи улогата на ОБСЕ на терен и нејзините инструменти – тоа сме ние. И затоа рековме дека пораката што ќе ја испратиме преку нашето претседавање е преку тие состаноци на Постојаниот совет во Виена е дека „да, вие мислите дека правите голема политика, но на крајот луѓето се големите корисници на сето тоа што ние го правиме, рече Османи.

Тој подвлече дека за нас како претседавачи на ОБСЕ е важно што како мала земја во тежок период што ја има првата мисија на ОБСЕ за да спречи конфликт, за да рехабилитира постконфликтно е мисија што се уште е активна. Нагласи дека денес созреваме во земја што може да ја води и да ја предводи целата организација. (4 јануари)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.