Скопје – Северна Македонија ќе биде целосно посветена на мисијата на ОБСЕ. Почестени сме и горди што ќе бидеме на кормилото на ОБСЕ во 2023 и што ќе бидеме чувари на нашите вредности. Вредностите на ОБСЕ денес се поважни од кога и да било, изјави во Виена шефот на дипломатијата Бујар Османи во улога на претседавач на ОБСЕ на прес-конференцијата со генералната секретарка на организацијата Хелга Марија Шмид.
-Најголемиот предизвик во нашата агенда ќе биде во контекст на тешките околности, но единството околу принципите и заложбите на ОБСЕ се изворот на надеж и охрабрување. Руската воена агресија врз Украина, што ги урива основите и заложбите на Организацијата, го зајакнува ова единство. Денес, се чини дека нашите вредности се поважни од кога било. Предизвиците не се причина за дефетизам, туку поттик за засилување на напорите, рече Османи.
Тој нагласи дека на обичните луѓе им е доста од политиката на моќ и оти тие се чувствуваат уморни од секојдневната неизвесност и размислуваат што ќе донесе утрешнината. (12 јануари)
Гир: Зависи од државата дали ќе стане членка на ЕУ до 2030, трасата е утврдена и ветувањето е реално
Скопје – Прашањето е дали државата може да стане членка на ЕУ до 2030 година? Одговорот е: зависи од самата држава. Задачата е значајна, обемот на реформи се големи. Ќе има подеми и падови и овде и во Брисел. Сметам дека долгорочниот пат, трасата е утврдена од ЕУ и ветувањето е реално. Зависи од оценувањето на взаемните потреби и интереси, рече евроамбасадорот Дејвид Гир на тркалезната маса „Западен Балкан помеѓу Западот и Истокот: Северна Македонија- членка на Европската Унија до 2030 година“.
Со цел да се постигне ова, посочи Гир, мора да постои вистинска политичка решеност меѓу сите политички партии и меѓу сите институции вклучително и бизнисот и граѓанското општество. Рече дека проширувањето мора да биде национален проект бидејќи навистина ќе има предизвици на патот кон ЕУ.
-Не сум јас тој што треба да ве убедам. Вие треба да делувате со решеност и со убеденост дека ЕУ е вашата иднина. Патот е отворен. Постои импулс, вашата иднина се наоѓа во вашите раце, рече Гир. (12 јануари)
Со посетата на Шоле реафирмирана цврстата поддршка на САД, за „црната листа“ на санкции не било разговарано во Владата
Скопје – Посетата на Скопје на советникот на Стејт департментот Дерек Шоле доаѓа во клучен момент за регионот и за Европа. Ова е оценката по заедничката средба на премиерот Димитар Ковачевски со Шоле. Премиерот смета дека нашето силно стратешко партнерство со САД е од голема важност во годината која ни претстои, исполнета со предизвици и кај нас, но и глобално.
И покрај тоа што Шоле и Ковачевски разговарале за борбата против корупцијата, „црната листа“ на САД за санкции не била спомената на средбата во Владата.
Нагласена била големата поддршка од САД во натамошниот напредок на Северна Македонија и било оценето дека традиционалното, искрено и долгогодишно пријателство со САД има големо значење во развојот на демократските, реформските и интеграциските процеси на земјава.
Било констатирано и дека стратешкото партнерство со САД е силна поддршка на сите важни процеси за демократската иднина на државата и за унапредувањето на квалитетот на живот на граѓаните. (12 јануари)
Пендаровски: Имаме напредок во делот на корупцијата, но уште сме далеку од европскиот процес
Скопје – Имаме неспорен напредок во делот на корупцијата. Имаме скок од 24 места, според Извештајот на Транспаренси интернешенeл, но тоа не е доволно. Уште сме далеку од европскиот процес, изјави претседателот Стево Пендаровски одговарајќи на новинарско прашање по обраќањето на тркалезна маса „Западниот Балкан помеѓу Западот и Истокот: Северна Македонија – членка на ЕУ до 2030 година“.
Тој останува на ставот дека скок од 24 места на табелата на Извештајот на Транспаренси интернешенeл не е за потценување.
-Имаме скок од 24 места на таа табела што не е мала работа. Но, како што кажав и во годишното обраќање во Собранието, тоа не е доволно затоа што и на таа позиција на која сме, на 87-мо место од 180 држави во светот кои се анализирани и мерени, ние сме сепак далеку од европскиот просек и тоа треба да ни биде целта. Значи, напредок имаме, меѓутоа не е доволен, потенцираше Пендаровски. (12 јануари)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.