Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Давос – Не сум загрижен дека трансатлантското и паневропското единство и солидарност ќе го имаме и годинава, но се прашувам дали ќе се задржи и кога војната во Украина ќе заврши, а тоа е клучно за да надвладее демократијата над автократијата, истакна претседателот Стево Пендаровски на панел сесија во рамките на Светскиот економски форум во Давос.
– Сакаме војната да заврши уште денеска, но логиката на државите и на националните интереси како што е веќе со векови, е првенствено да се грижите за сопствениот двор. Ако повторно им даваме приоритет на националните интереси на државите, тогаш ова единство и солидарност ќе го снема, рече Пендаровски.
Затоа, според него, неопходно и клучно е кога ќе заврши војната во Украина да се задржи трансатлантската солидарност, бидејќи како што се гледа низ светот дури и кај некои од најголемите држави, во пораст се авторитарните тенденции.
– Ако демократиите не се држат и останат заедно, почитувајќи исти вредности и борејќи се за нив понекогаш и буквално, тогаш автократиите ќе превладеат. Затоа мора да имаме целосно единство и солидарност и по војната во Украина. Тоа е неопходно за да имаме подобар свет, порача Пендаровски. (17 јануари)

Ковачевски: Секој медиум слободно ја одредува својата уредувачка политика
Скопје – Транспарентноста во државата е унапредена во последнава година и никогаш не се случило кој било уредник или новинар да добие повик од Владата за да се влијание врз уредувачката политика на медиумите, изјави премиерот Димитар Ковачевски во одговор на новинарско прашање во врска со јавното етикетирање на две телевизии од страна на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Коментирајќи ја синоќешната изјава на Ахмети во која тој изрази незадоволство од медиумското известување на две телевизии во врска со случувањата во неговата партија, Ковачевски рече дека таквата изјава веројатно е дадена врз основа на одредени факти и упати објаснување за тоа да се побара од лидерот на ДУИ.
Ковачевски истакна дека нема да дозволи враќање на некои минати времиња и дека денес медиумите можат слободно да ја одредуваат својата уредувачка политика така како што сметаат, додавајќи дека постојат институции во државата што го регулираат работењето на медиумите и тие се независни од Владата. (16 јануари)

Уставните измени следниот период ќе бидат актуелизирани на дебати со граѓански организации и експерти
Скопје – Уставните измени во текот на следните неколку недели или месеци ќе бидат актуализирани на дебати со граѓанските организации и експерти во однос на нивната содржина но и во однос на нивното политичко значење, рече вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ.
Според Маричиќ, политичкото значење е многу повеќе од само уставни промени на еден дел од преамбулата и на еден амандман на Комитетот за односи меѓу заедниците, туку, како што напомена, овие уставни амандмани имаат значење на практично „зелено светло“ од наша страна, од нашето Собрание, за продолжување на преговорите со Европската Унија.
-Прашањето за уставните измени е прашање кое што е веќе отворено. Ние веќе правиме консултации на експертско ниво, а имавме и лидерска средба во Собранието која што го иницираше тој дијалог. Уставните измени во текот на следните неколку недели или месеци ќе бидат актуализирани на дебати со граѓанските организации и експерти во однос на нивната содржина но и во однос на нивното политичко значење, рече Маричиќ. (18 јануари)

Православните верници го слават Богојавление-Водици
Скопје – Православните верници денеска го слават празникот Богојавление кој се одбележува уште од вториот век. На овој ден, според христијанското предание, Свети Јован Крстител го крстил Исус Христос во реката Јордан. Празникот се нарекува уште и Водици поради големиот водосвет што го извршува црквата на овој ден.
И годинава ќе продолжи вековната традиција на положување на крстот во осветените води.
Богојавление-Водици се одбележува и во другите епархии на МПЦ-ОА, како и во помесните православни цркви низ светот кои се водат според Јулијанскиот календар.
На овој ден во реките се положува светиот крст, а оној кој ќе го фати, се верува дека ќе го следи среќа и благослов цела година. Фаќањето на крстот значи соединување на човекот со Христа, а се верува дека со положувањето на крстот, водите стануваат лековити. (19 јануари)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.