Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска вели дека уште многу треба да се направи за борбата против корупцијата, граѓаните треба да видат видливи резултати и краен резултат од борбата против корупцијата.

-Најголемата слабост е во правосудниот систем. Ако нема завршница во еден случај, пораката, која се праќа во општеството е погрешна. Судиите и обвинителите исто така треба да одговараат за злоупотреба на службена должност, исто како и останатите функционери кои подлежат на истите закони, вели Грковска.

Во врска со нејзината изјава дека не ја иззема Владата од одговорност, ниту институциите, вели дека најслаба карика е правосудниот систем.

-Правосудниот систем е најслаба карика. Независноста на институциите треба да биде дополнителна обврска за одговорност и транспарентност пред граѓаните, за одлуките кои што се носат од правосудниот систем. Актуелните примери што ги видовме, се лош пример како треба да изгледа или да се однесува законот подеднакво за сите, вели Грковска. (2 февруари)

Спасовски: Полицијата ќе обезбеди мирно чествување, нема да дозволиме никој да го понижува македонскиот народ

Скопје – Македонската полиција има капацитети во било какви услови да ја задржи безбедноста и мирот и спокојот на граѓаните, вели министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во одговор на прашањето околу капацитетите на МВР за мирно чествување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев на 4 февруари.

Граѓаните, вели, воопшто не треба да се грижат дека ќе бидат преземени сите мерки за достоинствено чествување, без никакво нарушување на јавниот ред и мир.

-Оваа држава има свои институции кои што се задолжени за зачувување на јавниот ред и мир. На основа на проценките, ќе биде активиран план кој ќе придонесе за мирно чествување. Присуството на полицијата треба да биде на наше задоволство дека ќе се осигура мирно и достоинствено чествување, а не да се вознемируваме дека има присуство на полицајци. Тие се тие коишто нѐ штитат и ни создаваат атмосфера во којашто сите ние безбедно живееме и работиме, нагласи министерот Спасовски. (2 февруари)

Почнуваат преговорите со „Бехтел и Енка“ за автопатите на коридорите 8 и 10-д, годинава старт на изградбата

Скопје – Очекуваме оваа година да започнаме градежна офанзива за изградба на западниот дел на Коридор 8 и Коридорот 10-д, рече министерот за транспорот и врски Благој Бочварски,

по потпишувањето на договорот со италијанската ИРД инжинеринг, компанијата избрана за надзор и правен трансакциски советник за четирите автопатски делници во должина од над 120 километри што ќе ги гради американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“.

Со потпишувањето на договорот се создаваат услови за почеток на преговорите што ќе ги води ИРД во име на Управувачкиот комитет на Владата со „Бехтел и Енка“. Следната фаза е потпишување на договорот за изведба на работи на автопатските делници на Коридорот 8 Требеништа – Струга – Ќафасан (22,5 километри) Гостивар – Букојчани (30,1 километар), Тетово – Гостивар ( 27 километри) и на делницата Прилеп – Битола (43,4 километри) од Коридорот 10- д.

Гир: Со вклучувањето на Бугарите во Уставот, не се менува неговата суштина

Скопје – Амбасадорот на ЕУ, Дејвид Гир вели дека сите земји кои сакаат да се придружат на ЕУ, треба да ги применуваат стандардите за човекови права. Тоа се очекувањата, нагласува тој, и како тоа се одвива во една земја кандидат го следи Советот на Европа.

Гир додава дека и покрај тоа што во јавноста има многу различни мислења за отворањето на Уставот со цел да се направат потребните измени, односно да се внесат Бугарите во него, всушност треба сите да размислат што би значела таа измена во пракса.

-Промената на Уставот како прво е суверено одлука која треба да ја донесе оваа земја. Во реалноста, тоа значи да се вклучи во Уставот, референца на поединците, граѓани на државата, кои се идентификуваат како Бугари. Тоа е суштината. Нема промена на суштинската природа на Уставот. Не се допира во идентитетот на земјата или нејзините суштински интереси, рече Гир.

Гир посочи и дека земјава веќе има добри резултати на меѓуетнички односи и овие промени кои може да се спроведат, треба да се анализираат на објективен начин, споредувајќи ги со примерот на  Хрватска, која во својот Устав вклучува повеќе од 20 заедници, вклучувајќи ги и Бугарите, Албанците и Македонците. (1 февруари)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.