Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Деветтемина македонски државјани кои беа затекнати во Турција за време на земјотресот се вратија во земјава. МНР информира дека тие се во добра здравствена состојба. 

Се работи за осум ученици и нивниот наставник ментор кои преку програмата „Еразмус плус“ престојуваа во Турција.

Од МНР соопштуваат дека засега нема нови информации пристигнати до Амбасадата во Анкара и Генералниот конзулат во Истанбул за други наши државјани кои се наоѓаат во евентуално загрозена состојба, или на кои им е потребна асистенција. (9 февруари)

СЕ: Северна Македонија да работи на промовирање интегрирано општество засновано на почит и доверба меѓу заедниците

Стразбур – Комитетот на министрите на СЕ, усвои резолуција за спроведувањето на Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства од Северна Македонија, во која се бара промовирање на интегрирано општество кое се заснова на почит и доверба меѓу различните заедници, пред се, во насока да се зголемат напорите за спречување случаи на кршење на човековите права на Ромите, но никаде не се споменува бугарското малцинство во државава.

Комитетот на министрите на СЕ во усвоената резолуција ги повикува властите да ги земат предвид забелешките и препораките содржани во Петтото мислење на Советодавниот комитет за Северна Македонија, усвоено на 18 мај 2022 година. 

Во препораките до властите во земјава за подобрување на имплементацијата на Рамковната конвенција се наведува дека треба да се преземат понатамошни чекори кон промовирање на интегрирано општество кое се заснова на почит и доверба меѓу различните заедници. (8 февруари)

МНР: Резолуцијата на СЕ е базирана врз наодите и препораките на мислењето на независните експерти

Скопје – Северна Македонија останува и во иднина посветена на почитување и заштита на човековите права, вклучително и малцинските, независно за која етничка заедница станува збор, отворена за соработка и дијалог со релевантните механизми за човекови права. Тоа го порача МНР откако денеска Комитетот на министри при СЕ, усвои Резолуција за Северна Македонија со која е комплетиран петтиот циклус на редовна евалуација на земјава во однос на спроведувањето на обврските преземени со пристапувањето кон Рамковната конвенција за национални малцинства.

-Во процесот на усвојувањето на Резолуцијата, беа поднесените бројни амандмани од друга заинтересирана делегација кои не наидоа на поддршка од мнозинството земји членки на СЕ. Помеѓу останатото, аргументацијата на високото мнозинството претставници е дека ваквите процеси не треба да бидат прекумерно политизирани и билатерализирани, туку треба да се засноваат на духот и принципите на меѓународното право и стандарди, како и објективните наоди на независните експерти кои рефлектираат на реалната состојба, стои во соопштението на МНР.

Резолуцијата, наведуваат од МНР, е базирана врз наодите и препораките на Мислењето на независните експерти на Советодавниот комитет на Рамковната конвенција за национални малцинства, кои остварија посета на земјава во ноември 2021 година. (8 февруари)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.