Албанскиот премиер Еди Рама изјави дека Албанија има за цел до 2030 година да биде подготвена за Европската унија и да ги заврши сите обврски, по отворањето на поглавјата на Основите во преговорите со ЕУ еден ден претходно во Луксембург.
Овие изјави тој ги даде по втората меѓувладина конференција во Луксембург каде што се осврна на досегашниот напредок на процесот на европска интеграција.
Рама рече дека има многу амбициозен план, затоа што како што рече тој, „сакаме Албанија да биде подготвена и да ги исполни сите цели и да ги погоди сите мети што ги има процесот пред 2030 година“.
„Тоа е разработен и усогласен план со комисијата имајќи го предвид дека до крајот на четвртиот мандат работата ќе биде завршена и Албанија да се смета за земја со завршени задачи“, изјави Рама.
Премиерот го коментираше и раздвојувањето од Северна Македонија во процесот на отворање на преговори, истакнувајќи дека ова е индивидуална лента на секоја земја и не сме поврзани во пар со никого засекогаш.
На прашањето за инвестицискиот план на ЕУ, Рама рече дека на Албанија и другите земји им се дава пристап на заедничкиот европски пазар. (16 октомври)