Вашингтон – Земјите од Западен Балкан се строго поделени меѓу Западот и Русија, а некогаш силната поддршка за пристапување во Европската Унија сега се намалува, покажува неодамнешната анкета на Меѓународниот републикански институт (ИРИ), пренесува Гласот на Америка на македонски јазик.
Резултатите од анкетата што истражувачката група со седиште во Вашингтон ја спроведе во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија, доаѓаат во време кога регионот се соочува со обновени етнички тензии во услови на забавување на проширувањето на ЕУ и пораст на проруски чувства.
Анкетата покажа дека огромно мнозинство во Албанија и Косово сакаат нивните земји да следат недвосмислено проевропски и прозападен курс, додека само 10 отсто од испитаниците во Србија го дале истиот одговор. Мнозинството од анкетираните Срби посочија дека сакаат Србија или да ги задржи врските со Русија или да води проруска надворешна политика.
Анкетата покажа дека 39 отсто од Босанците, 36 отсто од Црногорците и 31 отсто од Македонците поддржуваат недвосмислен прозападен курс.
– Генерално, прозападниот тренд во регионот е силен, со неколку забележителни исклучоци. Србија оди спротивно од другите пет земји во регионот, таа е повеќе проруска, го обвинува Западот за конфликтот во Украина, има многу низок рејтинг за приклучување кон Европската Унија, изјави Пол Мекарти, директор на Меѓународниот републикански институт за Европа, за Гласот на Америка.
Мекарти рече дека прозападните тенденции се омекнати и во Црна Гора и Северна Македонија, и покрај тоа што станаа членки на НАТО, како и во Босна, каде Турција ги замени САД како клучен сојузник на босанските муслимани.
– Луѓето го губат трпението со чекањето за влез во Европската Унија. Дел од ова се објаснува и со фактот дека Украина и други земји се поканети во ќленство, додека во повеќето случаи земјите од Западен Балкан чекаат повеќе од две децении во редот за влез во Европската Унија. Поддршката за пристапувањето во ЕУ почнува да се намалува во оние земји каде што беше многу, многу силна, рече Мекарти.
Сепак, анкетата на ИРИ покажа дека, со исклучок на Србија, големо мнозинство во петте балкански земји сепак ќе гласаат за пристапување во ЕУ. (2 мај)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.