Берлин – Германската влада ги осудува обидите за манипулации и влијанија од страна на Русија по претседателските избори и референдумот за ЕУ во поранешната Советска Република Молдавија. «Видиме дека Русија и проруски актери во голема мера се обидуваат да ја дестабилизираат Молдавија», изјави заменичката на портпаролот на владата Кристиане Хофман во Берлин.
Таа додаде: «Ние ги осудуваме овие континуирани манипулации и обиди за влијание дури и на демократски избори и во крајна линија на донесување на одлуки од молдавскиот народ.» Истовремено, Хофман побара и истрага за случувањата.
Проевропската претседателка Маја Санду, според информациите на изборната комисија во Кишинев, го добила првиот круг на претседателските избори. Меѓутоа, таа треба на 3 ноември да се соочи со поранешниот генералниот обвинител Aлександру Стојаногло од Социјалистичката партија на прорускиот експретседателИгор Додон.
Санду се жали на невидену манипулација на изборите
Санду се жали на невидениот напад од антимократските сили врз изборите и изјави дека 300.000 гласови биле купени со милионски суми од криминални групи во координација со странска сила. Таа не ги спомна деталите.
Хофман подвлече дека германската влада ќе продолжи да ја поддржува Молдавија на патот кон ЕУ. Приближувањето и перспективното членство се во стратегиски интерес на Европската унија во целина. Говорничка на Министерството за надворешни работи во Берлин изјави дека Германија помага на Молдавија преку испраќање на цивилни експерти и полицајци за борба против дезинформации во рамките на ЕУ партнерската мисија, како и со поддршка на експертските совети на молдавскиот центар за стратешка комуникација и дезинформација. (21. октомври)