Скопје – Евроамбасадорот во земјава Дејвид Гир вечерва во интервју за „Топ тема“ на ТВ Телма вели дека уставните измени нема да бидат последното барање од ЕУ, туку земјава треба да се фокусира на реформите, особено во владеење на правото.
-Уставните измени нема да бидат последното доставено барање до оваа земја. Ние ќе бараме од оваа земја на секој чекор да прави реформи. Важна работа е барањата да бидат засновани на реформи. Дали направивте реформи во владеењето на правото, во животната средина и во сите тие области. Таму треба да биде фокусот, а не билатерални барања да влегуваат во процесот, рече Гир.
За тоа дали е можно уставните измени да се донесат до ноември, Гир рече дека прашањето како сега да се направи прогрес е големо.
-Прашањето дали земјата може да се обедини на програмата за ЕУ реформи, да се пресече политичкиот јаз, со цел да се напредува одлучно. Кога ќе ги погледнете другите земји како Хрватска или Словенија, сите оние земји што неодамна се зачленија, нивното искуство беше дека политичките групи се обединија иако беа многу поделени по многу области, по ова прашање работеа заедно за да постигнат заедничка цел – членство во ЕУ. Сметам дека истото треба да се примени и тука за уставните измени. Но тоа е само почетокот, бидејќи потоа секој чекор од патот мора да биде со заедничка посветеност да оди напред, вели Гир. (5 јуни)
Анализа на Стопанската комора: Сивата економија зафаќа 33 отсто од БДП
Скопје – Вкупно 33,2 отсто од бруто домашниот производ годишно во државата отпаѓа на сивата економија, покажува анализата на Стопанската комора на Северна Македонија на тема „Сивиот дел на македонската економија: големина, импликации, решенија“ што беше промовирана денеска на прес-конференција.
Изготвена е од професорот Александар Стојков, потпретседателот на Комората Зоран Јовановски и Павле Гацов, даночен експерт и член на Управниот одбор.
Процентот, според, потпретседателот на СКСМ Јовановски, е на исто ниво со земјите од Западен Балкан, но е речиси двојно повисок од просекот на земјите членки на Европската унија, кој изнесува 19, 4 отсто од Бруто домашниот производ.
Низ бројки 33,2 проценти од БДП во 2022 година „сивиот дел“ на македонската економија изнесува 4.282 милиони евра, односно 1.280 милиони евра изгубени приходи во државниот буџет. Ако како земја би успеале да се сведеме на просекот од ЕУ, со толкава сива економија би имале 450 милиони евра поголеми приходи во буџетот годишно, појасни Јованосвки. (5 јули)
Шукова: Со учество во Програмата ЛАЈФ отварен пристап до нови европски финансиски механизми
Скопје – Министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова денеска во Брисел оствари билатерална средба со европскиот комесар за животна средина, океани и рибарство Вирџинијус Синкевичиус на која е потпишан Договор меѓу Европска Унија и Република Северна Македонија за учество во Програмата на Унијата „Живот” (LIFE) за заштита на животната средина и климатски активности.
Како што соопштија од МЖСПП, Програмата LIFE е инструмент за финансирање на Европската Унија на акција за животна средина и клима, која има за цел да придонесе во имплементацијата, ажурирањето и развојот на политиката и законодавството на ЕУ за животната средина и клима преку кофинансирање проекти со европска додадена вредност. Таа поддржува проекти од областа природа и биодиверзитет, циркуларна економија и квалитет на живот, ублажување и адаптација на климатските промени и транзиција кон чиста енергија.
Со потпишувањето на Договорот за учество на Република Северна Македонија во оваа Програма, како што кажала министерката Шукова на средбата, првпат ќе се обезбеди пристап до овие финансиски мехнанизми на ЕУ со што ќе се отворат нови можности за аплицирање за проекти и ќе се овозможи подобро општествено вклучување во имплементацијата на европските политики за управување со глобалните предизвици и имплементација на заедничките цели за поздрава и помалку загадена животна средина, подобро заштитена природа и биодиверзитет и декарбонизирана иднина. (3 јули)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.