BTA, CTK, dpa, EFE, FENA, Lusa, MIA, PAP, Ritzau, STA, Tanjug, TASR
На 20-годишнината од нивното пристапување во Европската унија, источно-европските земји го прославија членството во Унијата. На 1 мај, 2004, десет држави станаа дел од ЕУ: Чешка, Полска, Унгарија, Словачка, Словенија, Литванија, Летонија, Естонија, Кипар и Малта.
На 1 мај, 2004, Полска си го најде своето место, рече полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски во средата, на средба со неговата германската колешка, Аналена Бербок. „Помеѓу пријатели, помеѓу сојузници, во Европа, дома. Ова е тоа за што се бореле бројни генерации на Полјаци.“ Бербок нагласи дека целата Европска унија имала придобивка од проширувањето со поранешните земји од Источниот блок.
Бербок додаде дека европската интеграција „не паѓа од небо“, туку бара силна и храбра одговорност. Според неа, поради војната во Украина, континентот „не смее да си дозволи сиви зони во Европа“. „ЕУ мора да биде реформирана за да биде посилна во безбедносната политика, да говори со еден глас, и да ги прими оние држави што сакаат да станат дел од оваа унија на слобода и безбедност,“ рече таа.
Во заедничка изјава во средата, претседателите на балтичките држави истакнаа: „Доживеавме огромен економски раст, стабилност и безбедност, а истовремено претставуваме извонредна успешна приказна за европската интеграција и трансформација“. Шефовите на државите Алар Карис (Естонија), Едгарс Ринкевичс (Летонија) и Гитанас Науседа (Литванија) изјавија: „Натписот „Европска унија“ се појави на пасошите на нашите граѓани, означувајќи триумфално враќање на нашето вистинско, историско место како членови на европското семејство“.
Во вторникот, германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер ја прослави историската годишнина заедно со чешкиот претседател Петр Павел во Прага. И двајцата изразија поддршка за идно проширување на Европската унија. „Ако ги оставиме Западен Балкан, Украина и Молдавија предолго пред вратата [на ЕУ], ќе ги оставиме на милост и немилост на актери како Русија, кои воопшто не ѝ посакуваат добро на Европа,“ предупреди Павел. И Штајнмајер изјави дека „Земјите од Западен Балкан, Украина и Молдавија припаѓаат во слободна Европа и во нашата Унија“.
Шарл Мишел: Проширувањето претставува геополитички императив
Европската унија и земјите кандидати мора да бидат подготвени за проширување до 2030, рече претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во понеделникот на настан во чест на 20-годишнината од проширувањето на ЕУ во 2004. Тој додаде дека следниот бран на проширување е „состанок со историјата“. Подвлече дека проширувањето претставува камен-темелник на стратешкиот суверенитет на ЕУ.
„И земјите кандидати и институциите на ЕУ имаат многу работа. Би сакал да го повторам моето цврсто верување дека и двете страни мораме да бидеме подготвени за проширување до 2030“, рече Мишел. Појасни дека за кандидатите тоа значи спроведување на неопходните реформи и решавање на сите билатерални спорови, а за ЕУ реформа на програмата и буџетот и процесот на одлучување. „Работиме напорно со 27 земји членки за да ја подготвиме стратешката агенда која ќе служи како основа за следните пет години“.
Неопходните реформи
Во таа смисла, белгиската министерка за надворешни работи, Хаџа Лабиб, и потпретседателката на Европската комисија задолжена за вредности и транспарентност, Вера Јоурова, се залагаат за промовирање на одлуки со квалификувано мнозинство наместо едногласност во полето на одбрана и надворешни работи. Според Јоурова, тоа е „апсолутно егзистенцијално прашање“, таа очекува правото на вето да биде една од централните теми во разговорите за проширувањето.
Други прашања, според неа, ќе бидат иднината на Член 7 – постапка која дозволува правото на членство на државите членки да биде суспендирано заради проблеми со владеењето на правото, и која до сега беше покрената против Унгарија и Полска – како и буџетот.
„ЕУ не е банкомат, туку пред сѐ е Унија базирана на вредности,“ истакна Лабиб, и додаде дека ЕУ мора да го поттикне единствениот пазар и да го реформира процесот на одлучување за да може да реагира поагилно и „да го реши проблемот со понекогаш злоупотребените вета“.
Претставниците на сите десет земји кандидати – Албанија, Босна и Херцеговина, Грузија, Молдавија, Црна Гора, Северна Македонија, Србија, Косово, Турција и Украина – беа за прв пат дел од состанокот со шефови на дипломатии во Брисел во вторникот. Јоурова подвлече дека тоа било „добра проба“ за тоа како би изгледала дебатата со 37 членки.
Турција стана земја кандидат во 1999 – и веројатно никогаш не била подалеку од членство како што е денес.
Во моментот земјите членки имаат различни приоритети кога станува збор за проширување – а војната во Украина е значаен фактор.
На пример, неколку дански европратеници од Зелените во СФ и од владејачката „Венстре“ изразија поддршка за проширување на ЕУ во сојуз од 30 или повеќе земји. Мортен Локегард, водечкиот кандидат на владејачката „Венстре“ рече дека би сакал Украина, Молдавија и Северна Македонија да бидат првите земји што ќе се приклучат на ЕУ. Предупреди на можно руско влијание по конфликтот во Украина и рече дека е против членството на Турција.
„Има пред и после војната во Украина. Ако не ги прифатиме овие земји, тие наскоро ќе паднат во рацете на Путин“.
Западниот Балкан сѐ уште чека
Регионот на Западен Балкан го сочинуваат Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Северна Македонија и Косово.
Во Брисел се смета дека Црна Гора е најблиску во пристапниот процес. Проширувањето не се очекува да се случи барем до крајот на декадата. ЕУ води пристапни преговори со Црна Гора од 2012.
Во март, ЕУ започна пристапни преговори со Босна и Херцеговина. Сепак, првата пристапна конференција ќе биде организирана кога државата ќе ги спроведе потребните реформи, како што се борбата против корупција и организиран криминал. Покрај постојаните напори, ветувања, и значаен напредок, БиХ се соочува со предизвици на патот кон ЕУ како резултат на честите внатрешни политички несогласувања.
„Нашата генерација е соочена со обврската да го заштити и да го зацврсти европскиот проект за мир и слобода, дури и ако за тоа е потребна огромна количина на енергија,“ Бербок рече. Таа додаде дека реформите се неопходни за успех. Тие би вклучувале и помалку можности за вето во Советот на ЕУ.
Северна Македонија е земја членка 17 години. Според критериумите на ЕУ за пристапните преговори државата мора целосно да го прифати законодавството на ЕУ и да воведе реформи, особено во области како судските реформи и борбата против корупција и организиран криминал. Регионалната соработка и позитивните меѓусоседски односи се клучни за процесот на проширување на Северна Македонија. Напорите за инклузивна регионална соработка и одржување на билатералните договори, како што се Договорот од Преспа со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, се клучни.
Северна Македонија се обврза да усвои уставни промени со цел да ги зајакне правата на малцинствата. Фокусот е на додавањето во уставната рамка на граѓани, како Бугарите, кои живеат во државата.
Но опозицијата се противи на неопходните уставни промени, и потребното мнозинство во Собранието не беше обезбедено што ги заглави европските аспирации на Северна Македонија.
Словенија – сѐ уште висока поддршка за ЕУ
Со пристапувањето во ЕУ, Словенија исполни една од клучните стратешки цели во надворешната политика што ги постави по својата независност. Поддршката за ЕУ кај Словенците останува висока и натпросечна во споредба со другите членки на ЕУ, и земјата нема партии во парламентот кои се сметаат за евроскептични. Сепак, некои веруваат дека во последните години има премалку системски инвестиции во европската политика и во главните двигатели на економскиот раст кои би ја направиле Словенија една од поуспешните и повидливите членки на Унијата.
И Словенија доживеа економски раст но тој беше многу побавен во споредба со другите земји кои се приклучија на ЕУ во исто време или подоцна. Кога стана членка, Словенија беше на 88 проценти од просекот на ЕУ, мерено во однос на БДП по глава на жител – сега е на 91 процент. Во текот на 20 години членство, Словенија има добиено вкупно 13.5 милијарди евра од буџетот на ЕУ и платено 8.7 милијарди евра. Но земјата ги има добро искористено придобивките од внатрешниот пазар, што ја поттикна трговијата со стоки и услуги.
Успешна ЕУ интеграција – со нерешени проблеми
Во вторникот, претседателката на Словачка, Зузана Чапутова, ја опиша интеграцијата на државата во ЕУ и НАТО како еден од најважните и најуспешните моменти во современата историја на Словачка. „Беше успех на целата држава, на сите граѓани,“ подвлече словачката претседателка. Таа потсети дека важноста на членството беше пресликана и во секојдневниот живот во државата. „Преку развојот на инфраструктура, можности за работа, но и побезбедна Словачка,“ додаде таа.
Чапутова исто така истакна дека иако ЕУ и НАТО доживеале промени последните две декади, правилата кои важеле кога Словачка стана членка, важат сѐ уште и за двете страни. „Секоја земја кандидат треба да остане функционална демократија,“ рече Чапутова.
Фон дер Лајен: Државите како Чешка ја учат ЕУ за однесувањето на Русија
Во интервју кон крајот на април, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен рече дека „како резултат на горчливото искуство што државите од централна и источна Европа го имаа со
Советскиот сојуз, ЕУ научи многу за моделите на однесување на Кремљ и Владимир Путин и стана повнимателна“.
Фон дер Лајен додаде дека Европската унија не е совршена, „но придобивките од членството во ЕУ се огромни“. Проширувањето исто така го промени статусот на самата Европска унија. Се здоби со поголемо влијание и важност. „Се разбира дека сме посилни кога сме 27 отколку кога бевме 15,“ фон дер Лајен рече.
Фон дер Лајен нагласи дека животниот стандард на жителите на ЕУ се зголемил, дека луѓето одлучиле да останат во Полска наместо да се преселат во западните држави. Проширувањето на ЕУ со десет држави исто така има огромни економски придобивки. Пазарот на ЕУ е еден од најголемите внатрешни пазари во светот и трговијата во ЕУ се зголемила за 40 проценти во споредба со 2004. „Во десетте нови земји членки, шест милиони нови работни места беа создадени за време на овие 20 години, и невработеноста е преполовена,“ рече фон дер Лајен.
Сторијата се објавува неделно. Содржината е заснова на вести од агенциите кои учествуваат во ЕНР.