Сараево, (Fena) – Канцеларијата на Европската унија во Босна и Херцеговина, Амбасада на Шведска и Меѓународната организација за труд (ILO) денеска во Сараево претставија шеснаесет нови проекти кои имаат за цел вработување на лица кои се соочуваат со повеќекратни бариери во БиХ.
На настанот под назив „Размена на знаења – Да го направиме светот на трудот инклузивен: Обезбедување на интегративна поддршка за лица кои се оддалечени од пазарот на труд“ беше истакнато дека се очекува резултати од проектите за вработување на 625 лица од целните групи, вклучување на најмалку 1.250 невработени лица, вклучување на најмалку 800 Роми во иницијативи за подигнување на свеста за пазарот на труд, и реализирање на најмалку пет иновативни програми за вработување.
Шефот на Делегацијата на ЕУ и специјален претставник на ЕУ во БиХ, амбасадорот Луиџи Сорека, изјави дека е свесен дека бројот на лица кои ќе бидат опфатени со проектите претставува само капка во море, но сепак поголема капка.
– На Босна и Херцеговина и е потребна државна стратегија за вработување и ги повикувам властите да ја усвојат, а ЕУ е подготвена да обезбеди поддршка во тие активности – рече Сорека.
Амбасадорката на Шведска во БиХ, Хелена Лагерлоф, истакна дека нејзината земја активно го поддржува вработувањето и подобрувањето на условите за работа во БиХ затоа што тоа го сметаат за важно за развој на земјата.
Координаторката на Меѓународната организација за труд во БиХ, Лејла Тановиќ, наведе дека целта на проектите е да се подобри социоекономската ситуација на младите, жените во руралните средини, лицата со попреченост, Ромите и долгорочно невработените лица.
Настанот е организиран во рамките на проектот EUzaZapošljavanje кој го финансира Европската унија со четири милиони евра и Шведска со еден милион евра, а го реализира Меѓународната организација за труд во Босна и Херцеговина.
Споменатите 16 нови проекти, добитници на грантови кои веќе започнаа со реализација на интервенции за вработување во јули 2024 година, вклучуваат јавни служби за вработување, образовни установи, социјални партнери, невладини организации, општини и други актери на пазарот на труд во БиХ кои во наредниот период ќе работат на обликување на идните стратегии за вработување и активно вклучување на индивидуи кои се оддалечени од пазарот на труд. (12.09.2024.)