Европската комисија е во контакт со полските власти за да ги оцени прописите кои го суспендираат правото на поднесување барања за азил и ќе продолжи со разговорите и во однос на нивното спроведување – изјави портпаролот на ЕК Маркус Ламер. Во четвртокот во Полска стапи на сила уредбата во врска со ова прашање.
“ЕК е свесна за најновите случувања во Полска поврзани со новиот закон” – изјави Ламер, коментирајќи го стапувањето во сила на уредбата на Советот на министри за суспензијата на правото на барање азил на границата со Белорусија.
ЕК веќе претходно објави дека ќе ја оцени измената на законот за обезбедување заштита на странците, која предвидува можност за ограничување на правото на азил по завршувањето на законодавниот процес. Претседателот Анджеј Дуда во средата ја потпиша, истиот ден Владата ја прифатила уредбата во врска со суспензијата на правото на азил.
Портпаролот на ЕК во четвртокот истакна дека во однос на Полска “клучен е актуелниот контекст”. “Постојат хибридни закани кои произлегуваат од користењето на миграцијата како оружје од страна на Русија со поддршка на Белорусија. Ова ја загрозува сувереноста, националната безбедност и територијалниот интегритет на Полска, како и на Унијата како целина” – рече тој.
Ламер потсети дека во декември 2024 година ЕК издаде соопштение кое “обезбедува правен контекст, во рамки на кој можат да бидат преземени вонредни мерки за борба против оваа закана”. Како што додаде, тие мерки мораат да бидат временски, пропорционални и оправдани.
Меѓу вонредните мерки кои ги дозволува документот на ЕК од декември 2024 година, за да се спречи Русија и Белорусија да ги користат мигрантите како оружје, се наоѓа суспензијата на правото на азил.
Ламер беше запрашан дали суспензијата на правото на азил од страна на Полска може да се смета за пропорционална мерка во ситуацијата кога според податоците на Фронтекс во јануари и февруари оваа година т.н. источна копнена граница на ЕУ ја преминале 962 лица. Според податоците на унијата агенција која се занимава со заштита на надворешните граници на ЕУ, трите најголеми национални групи биле Украинци, Руси и Суданци.
Портпаролот одговори дека ЕК ќе разговара со Полска и за спроведувањето на новиот закон.
Уредбата на Советот на министри воведува ограничување на правото на поднесување барање за обезбедување меѓународна заштита на границата со Белорусија за период од 60 дена. Овој период ќе може да се продолжи за дополнителни максимални 60 дена, по изразување на согласност од страна на Сејмот.
Граничната стража, и покрај ограничувањата, ќе може да прима барања за обезбедување меѓународна заштита од малолетни без придружба, бремени жени, лица кои можат да бараат особено третирање, особено поради нивната возраст или здравствена состојба.
Барањето ќе може да го поднесе и лице кое според оценката на Граничната стража “е загрозено од вистинскиот ризик од сериозна штета во државата од која директно пристигнало” во Полска. (27.09.2025)