Брисел – Германија и минатата година значително повеќе платила во буџетот на ЕУ отколку што добила од него. Ова произлегува од анализа на Институтот за германска економија (IW) врз основа на претходно објавени податоци од Европската комисија. Според анализата, Германија во 2023 година платила околу 17,4 милијарди евра повеќе во заедничкиот буџет на Европската унија отколку што добила и затоа е најголемиот нето-платец во ЕУ (2022: 19,7 милијарди евра). На второ место е Франција: Париз минатата година платил речиси 9 милијарди евра повеќе отколку што добил назад. На трето место е Италија со нето придонес од околу 4,5 милијарди евра.
Најголемиот нето-примател во 2023 година – како и претходната година – била Полска со 8,2 милијарди евра. Зад неа се Романија (6,0 милијарди евра) и Унгарија (4,6 милијарди евра). Според анализата на нето плаќањата по жител, Ирска е на врвот со 236 евра по глава на жител. Во Германија плаќањата изнесувале 206 евра по глава на жител. Во однос на бруто националниот доход (БНД), Германија останува најголемиот нето-платец, велат авторите. БНД ја означува економската активност која ја остваруваат сите граѓани.
Германија најмногу профитира од внатрешниот пазар на ЕУ
Според податоците, буџетот на Европската унија за 2023 година изнесувал вкупно 173,1 милијарди евра. Од тие, 143,4 милијарди евра биле распределени на земјите членки. Дополнително, фондот за закрепнување од коронавирусот изнесувал 66,1 милијарди евра, од кои 64,6 милијарди евра биле доделени на земјите членки. Германија, како најголем нето-платец во ЕУ, придонесува скоро една четвртина од средствата. Германската влада генерално истакнува дека Германија исто така најмногу профитира од внатрешниот пазар на ЕУ од која било друга европска економија.
Како причина за намалувањето на нето-придонесот на Германија кон ЕУ, експертите ја посочуваат слабата економска состојба во земјата. «Бидејќи веќе е очигледно дека и во тековната година нема да се очекува економско закрепнување во Германија (…), може да се претпостави дека германскиот нето-придонес во 2024 година ќе се намали уште еднаш», пишуваат авторите. (12 август)