Сараево (Фена) – Делегацијата на Европската унија во Босна и Херцеговина предупреди дека усвојувањето на нацртот на законодавството во ентитетот Република Српска (РС), кое понатаму ја ограничува работата на граѓанското општество и го укинува родовиот идентитет како заштитена основа во Кривичниот законик на РС, би претставувало сериозна закана за основните права и демократските вредности.
ЕУ нагласува дека стапувањето на овие закони во сила би било пречка за БиХ на нејзиниот пат кон Европската унија. Затоа ги повикува властите на РС да ги повлечат и истакнува дека, ако БиХ сака европска иднина, не смее да отстапува од клучните вредности.
Од Делегацијата на ЕУ порачуваат дека е клучно да се обезбеди околина која овозможува ефективно функционирање на граѓанското општество, во согласност со меѓународните обврски на БиХ и нејзината европска перспектива, како и заштитата на стандардите на забрана на дискриминација.
– ЕУ минатата недела го поздрави усвојувањето на два закони важни за напредокот на БиХ на европскиот пат. Земјата има реални изгледи за отворање пристапни преговори во наредните месеци, ако се исполнат одредени услови. Ги повикуваме властите на БиХ да се фокусираат на реформи кои видливо ќе го подобрат животот на граѓаните и да се воздржат од потези кои ги нарушуваат основните права и демократските вредности – соопштено е од Делегацијата на ЕУ во БиХ. (7.2.)