Скопје – Потребна е вистинска и поголема вклученост на младите во процесите на одлучување на сите нивоа на власта, како и во креирање на јавни политики, особено како дел од процесот на пристапување кон ЕУ, се наведува во заклучоците од втората дебата на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) насловена „Младите се во ЕУ“ како дел од иницијативата „Македонскиот евроинтеграциски пат – Градење на партнерства и преземање на позитивните искуства“.
Пратеничката и координаторка на Клубот на млади пратеници во Собранието, Моника Зајкова истакна дека немаме само ние како земја бенефит од членството во ЕУ, туку истовремено со интеграцијата и Унијата го користи нашиот потенцијал.
– Ќе споделам само една конкретна иницијативи која денес веќе стана реалност – намалување на трошоците за роаминг меѓу ЕУ и Западен Балкан за 30 проценти, рече Зајкова. (12 октомври)
Фон Дер Лајен: Нападот на Хамас е „акт на војна“
Брисел – Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска го оквалификува нападот на палестинската милитантна организација Хамас како ладнокрвен „акт на војна“.
Говорејќи на состанокот на европските комесари, Фон дер Лајен, исто така, го поддржа целосниот преглед на мултимилионската финансиска поддршка на ЕУ за палестинските проекти.
– Мораме да бидеме јасни во дефинирањето на овој вид ужас… Тоа е тероризам. И тоа е акт на војна… И може да има само еден одговор на тоа. Европа стои со Израел. И ние целосно го поддржуваме правото на Израел да се брани, рече Фон дер Лајен. (11 октомври)
Борел: Прекин на поддршката за Палестинците би бил најголемиот подарок за Хамас
Брисел – На денешниот вонреден состанок на министрите за надворешни работи на земјите на ЕУ со огромно мнозинство, со исклучок на две или три членки, е донесена одлука дека Унијата мора да продолжи со поддршката и финансирањето на палестинските власти и нема да има кратење на исплатата на развојната помош, изјави вечерва во Мускат високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел.
– Европската комисија и некои земји членки предложија ревизија на тоа кој ги добива овие средства…, но таа ревизија не треба да биде изговор за одлагање на нашата соработката, истакна Борел. Според него, би претставувало голема грешка ако во овој критичен момент се прекине соработката со палестинските власти, бидејќи тоа би претставувало најголем подарок што може да му се даде на Хамас и би ги загрозило односите на Унијата со арапскиот свет. (10 октомври)
Стано: Патот на Србија и Косово кон ЕУ води преку дијалогот за нормализација на односите
Брисел – Европскиот пат и на Србија и на Косово води исклучиво преку дијалогот со посредство со ЕУ, нема заобиколни патеки, и затоа двете стани мора да сфатат дека треба да се вратат на разговорите за постигнување компромис за нормализација на односите, изјави денеска портпаролот на Европската комисија за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано.
Тој нагласи дека ЕУ останува на ставот дека очекува целосна и безусловна соработка од страна на Србија во истрагата за нападот врз косовската полиција на 24 септември во Бањска на северот од Косово.
– Ги очекуваме конечните резултати од истрагата. Кога истрагата ќе биде завршена и кога ЕУ ќе ги види резултатите и ќе добие јасна слика за тоа што се случи и кои кој стои зад тоа, ЕУ ќе донесе одлука за следниот чекор, истакна Стано. (10 октомври)
ЕУ го предупреди Закерберг за пораст на дезинформации на платформите на Мета по нападот на Хамас
Брисел – Еврокомесарот за внатрешен пазар Тиери Бретон испрати писмо на извршниот директор на Мета, Марк Закерберг, посочувајќи дека има „наплив на нелегални содржини и дезинформации“ на платформите на Мета.
Тој побара од Закерберг да биде „многу внимателен“ за да обезбеди усогласеност со правилата, да дејствува против нелегалните содржини и да употреби пропорционални и ефективни мерки за ублажување.
– Итно ве повикувам да обезбедите дека вашите системи се ефективни. Непотребно е да се каже дека, исто така, очекувам да бидете во контакт со релевантните органи за спроведување на законот и со Европол и да се погрижите да одговорите навремено на сите барања, додаде тој. Бретон го повика Закерберг да одговори на неговите барања во рок од 24 часа, потсетувајќи го дека може да бидат изречени казни доколку не се придржува до правилата. (11 октомври)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.