Скопје – Поддршката на граѓаните за пристапување кон Европската Унија се задржува на ниво од 62 процента. Највоздржани се најмладите и највозрасните испитаници, кај кои е констатирана поголема неопределеност. Перцепцијата за влијанието на САД бележи значителен пад кај нашите граѓани – за 20 проценти во споредба со лани, покажуваат наодите од Анализата на јавното мислење за македонскиот процес на пристапување кон Европската Унија во 2024 врз основа на анкета од октомври до декември минатата година.
На промоцијата на Анализата, во организација на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) и фондацијата „Конрад Аденауер“, амбасадорот на ЕУ во земјава, Михалис Рокас порача дека постои неотповиклива желба на Европската Унија да помогне во евроинтегративниот процес на Северна Македонија. – Тука сме да помогнеме за што е можно поскоро да се спроведат неопходните реформи во земјава, со цел граѓаните да видат кои се придобивките во реално време од овие реформи, рече Рокас.
Тој нагласи оти анкетата покажува дека е потребно детално да ги разгледаме овие наоди и да видиме каде можеме да направиме одредено подобрување.
– Од една страна, треба да се помогне со ставање на фокус на убрзување и што е можно поскоро спроведување на неопходните реформи, така што самите граѓани ќе можат да видат кои се придобивките во реално време од самите реформи, а од друга страна политички, треба да се справиме и со поголемите предизвици кои се случуваат во Европа, потенцира Рокас.
Резултатите од анкетата покажуваат дека ЕУ е восприемена како најголем економски партнер, донатор и сојузник на земјава, расте и перцепцијата на граѓаните дека ЕУ има значајно влијание како надворешен фактор. Прашани за приоритетите во надворешната политика, граѓаните го ставиле пристапувањето кон ЕУ како прв приоритет којшто би сакале да го видат од Владата.
Пред презентацијата на наодите од истражувањето, Марко Трошановски, претседател на ИДСЦС, соопшти дека кај младите е констатирано „отвореност за позитивни ставови кон Кина“, а кај највозрасните – за Русија.
– Можеме да констатираме дека мнозинството граѓани сепак ја поддржува Унијата и таа останува најпосакуван партнер. Она што е интересно е дека највоздржани во однос на поддршка на Европската Унија се најмладите и највозрасните испитаници, кај нив гледаме поголема неопределеност, неодлучност и отвореност за позитивни ставови кон Кина, кај младите, и Русија, кај највозрасната генерација. Тоа не е презначаен процент, но, сепак, вреди да се констатира дека постои, изјави Трошановски.
Појасни дека и кај младите приоритет останува пристапувањето кон Унијата, само што процентот на соработка со Кина и Русија „е малку поголем во однос на другите возрасни категории“. Тоа не значи, рече тој, дека постои „свртување кон Кина“ затоа што прашање за Кина првпат било поставено во годинашната анкета и нема некои споредливи трендови како било претходно и нема длабинска анализа за причините. (17 февруари)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.