Скопје – Дали ќе ги отвориме поглавјата во рамки на преговарачкиот процес е нешто што зависи од нас. Во оваа, 2023 година, ја имаме најголемата шанса досега, да ги забрзаме преговорите и до 2030-та година, објективно и реално, Република Северна Македонија да стане членка на ЕУ. Ги почнавме преговорите со целосно заштитен македонски јазик, а со тоа и македонски идентитет и тоа е веќе кристално јасно. За сите надвор, се надевам и за сите добронамерни дома, истакна премиерот Димитар Ковачевски во својот говор на дводневната конференција организирана од Владата.
Тој повтори дека македонскиот јазик е признаен и прифатен рамноправно меѓу европските јазици, за што конкретен доказ е веќе потпишаниот договор со ФРОНТЕКС, додавајќи дека почитувањето, вреднувањето, зајакнувањето и унапредувањето на македонскиот јазик и македонскиот идентитет зависат најмногу од нас самите, тука дома. Нашата историја, традиција и јазик, потенцира Ковачевски, никој и никогаш не може да го земе. (30 јануари)
Ќучук: Има надворешни фактори кои не сакаат Бугарија и Северна Македонија да имаат добри односи
Скопје – Има надворешни фактори кои не сакаат Бугарија и Северна Македонија да бидат во добри односи. Тоа се оние луѓе кои не сакаат РСМ да биде дел од Европската Унија. Тоа се оние луѓе кои не сакаат нашата држава да има влијание бидејќи ставањето вето значи дека Бугарија нема пријатели на Балканот, во ЕУ, изјави европратеникот Илхан Ќучук за „БТВ“.
Ќучук е категоричен дека мора да инсистираат во Северна Македонија да има владеење на правото и високи демократски стандарди.
– Се додека не се признаваат правата на луѓето кои се сметаат за Бугари, тензијата ќе продолжи, вели Ќучук.
Треба, додава Ќучук, да се поттикнат сите обиди за намалување на тензиите, а тоа не важи само за бугарската држава, туку и за Скопје. Треба да се најде решение за проблемите. (29 јануари)
Стандард и Пурс: Денарот е стабилен, банкарскиот сектор соодветно капитализиран
Скопје – Денарот останува стабилен, а во следниот период не се очекуваат притисоци врз девизните резерви. Здравоста на банкарскиот систем е зачувана, при што капитализираноста е соодветна и стабилна, додека нефункционалните кредити остануваат на ниско ниво. Ова се наведува во извештајот на агенцијата за кредитен рејтинг „Стандард и Пурс“, во кој се потврдува кредитниот рејтинг на земјава ББ- со стабилен изглед.
Агенцијата посочува на поволните трендови кај девизните резерви, коишто на крајот на 2022 година достигнаа 3,9 милијарди евра. Како што констатираат од „Стандард и Пурс“, во изминатите месеци цените на енергентите се стабилизираат, па оттаму не се очекуваат позначајни притисоци врз девизните резерви во текот на годината преку овој канал. Дополнително, според нивните очекувања, резервите ќе продолжат да растат, при очекувано стеснување на дефицитот на тековната сметка и финансиски приливи преку директни инвестиции и одредени должнички текови. Девизниот курс останува стабилен, и промени во курсот на денарот, не се очекуваат. (28 јануари)
Детектор: Над 60 отсто од граѓаните сметаат дека државата не е подготвена да се справи со економската криза и инфлацијата
Скопје – Над 60 отсто од граѓаните сметаат дека државата не е подготвена да се справи со економската криза и инфлацијата, покажува истражувањето на јавното мислење кое за емисијата Детектор го спроведе Институтот за политички истражувања Скопје (ИПИС) на репрезентативен примерок од 1.119 испитаници преку телефонска анкета реализирана во периодот од 23 до 26 декември.
Според истражувањето, 60,7 отсто од анкетираните сметаат дека земјава не е подготвена да се справи со економската криза и инфлацијата, додека подготвеност гледаат 32,4 отсто. Дури 62,7 отсто од граѓаните се на ставот дека не даваат резултати досегашните мерки кои Владата ги воведе за справување со последиците од економската криза и инфлацијата, додека ефект од нив гледаат 28,5 отсто од анкетираните. Најнезадоволни од мерките се во Пелагонискиот регион каде 69 отсто од граѓаните се на ставот дека владините мерки не даваат резултати. (27 јануари)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.