Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Придржување до Преговарачката рамка и спроведување на уставните измени, кои се содржани во неа со цел да се продолжи со натамошниот чекори во евроинтеграцискиот процес, односно одржување на втората меѓувладина конференција и практично отворање на преговорите по кластери со ЕУ, побара вчера премиерот Димитар Ковачевски, нагласувајќи оти доколку земјата се движи по тој пат нема потреба да стравува од нови бугарски барања.

Прашањето за евентуални нови бугарски барања се отвори по изјавата минатата недела на министерот за надворешни работи Бујар Османи за германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ (ФАЦ), во која истакна дека Северна Македонија е најмалтретираната земја во процесот на проширување на ЕУ, но и дека е сигурен дека Бугарија постојано ќе формулира нови барања. 

Според Ковачевски, изјавата на шефот на дипломатијата е многу јасна и не се разликува од неговите изјави во минатото. (4 октомври)

Мишел: На декемврискиот Самит очекувам одлуки за проширувањето за некои од земјите од Западниот Балкан 

Брисел – На Самитот на ЕУ во декември очекувам одлуки поврзани со проширувањето за некои од земјите од Западниот Балкан, согласно извештајот на Европската комисија за усогласеноста на државите кандидати со реформските барања, што се очекува да биде објавен во следните недели, изјави претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во интервју за португалската агенција Луса.  

Според Мишел, самиот факт што на неформалниот Самит на Унијата в петок во Гранада европските лидери ќе „разговараат за иднината на ЕУ поврзана со проширување претставува многу моќен сигнал“. 

Тој во интервјуто се осврнува и на неговата изјава во Блед, кога 2030 година ја постави како цел за идното проширување на ЕУ. – Зошто е важен овој датум? Без датум, имаше заедничка цел, но беше лесно да се одолговлекува и да не се донесат потребните одлуки, истакна претседателот на Европскиот совет. (4 октомври)

Агелер: Ги повикувам лидерите на сите партии да ја направат вистинската работа за земјата

Скопје – Ги повикувам лидерите на сите партии да ја направат вистинската работа за земјава и за овие деца, изјави денеска американската амбасадорка Анџела Агелер, одговарајќи на новинарско прашање во врска со процесот на уставните измени, кои се предуслов за продолжување на преговорите со ЕУ и ставот на опозицијата дека не прифаќа измени на Уставот под бугарски диктат.

Убедена сум дека е многу важно за оваа земја да биде во ЕУ,

Анџела Агелер, амбасадорка на САД во Северна Македонија

– Убедена сум дека е многу важно за оваа земја да биде во ЕУ. Вие веќе сте дел од Европа и тоа треба да се формализира, придвижувајќи ја земјава кон ЕУ и почнувајќи ги тие дискусии, рече Агелер при посетата на селото Радово по повод пуштање во употреба на предучилишен едукативен центар во Бослево, преку програма на УСАИД.

Таа истакна дека придвижувањето на земјата кон ЕУ е во интерес на сите, а особено на најмладите, кои ќе бидат мотивирани да останат во државата и во неа да бараат можности. (4 октомври)

Оздемир: Германија сака да ја види Северна Македонија што поскоро во ЕУ

Скопје – Доколку Северна Македонија стане членка на ЕУ, се би било поинаку, и во однос на цените и во однос на агро секторот. Би имала пристап до заедничките пазари и би имала повеќе можности, оцени денеска германскиот сојузен министер за земјоделство и храна, Џем Оздемир.

Изјава на германскиот сојузен министер за земјоделство и храна, Џем Оздемир во Скопје. Фото: МИА

Како што истакна Оздемир, одговорајќи на новинарски прашања по средбата со својот домаќин, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, зголемувањето на инфлацијата не е поврзано со внатрешната политика на некоја земја, туку е резултат, пред се, на војната во Украина која доведе до зголемени трошоци и поскапување на енергијата.

Тој повтори дека Германија има јасна определба и сака колку што е можно побрзо Северна Македонија да стане полноправна членка на ЕУ. (3 октомври)

Мицкоски: Европа да не дозволи во 21-от век повторно руските интереси да бидат реалност на Балканот

Скопје – Повикувам Европа да не дозволи во 21-от век повторно руските интереси на Балканот да бидат реалност и да се случи асимилација на македонскиот народ. ВМРО-ДПМНЕ е јасен во своите позиции и по ниту една цена нема намера да отстапи и нема да го прифати бугарскиот диктати изјави денеска претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, појаснувајќи го својот став дека зад бугарскиот диктат стојат руски интереси.

Секогаш кога Бугарија се обидувала да го асимилира македонскиот народ, зад таа акција стоеле руските интереси на Балканот,

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Според Мицксоки, историјата наназад покажува дека „секогаш кога Бугарија се обидувала да го асимилира македонскиот народ или да го негира македонскиот идентитет зад таа акција стоела поддршката од страна на Русија, односно руските интереси на Балканот“.

ВМРО-ДПМНЕ, дополни Мицкоски, само бара комплетна културна автономија, односно право на Македонците во Пиринска Македонија да учат на свој мајчин јазик. (3 октомври)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.