Скопје – Нашата национална одлука за членство во Алијансата ги проби бариерите на партиите, религиите и народите и не обедини сите. Незначајна маргина се оние малкумина кои не се горди на овој наш успех и би сакале други алтернативи. Убеден сум дека такво обединување имаме и околу нашите одлуки за ЕУ, порача премиерот Димитар Ковачевски на централната свеченост во касарната „Илинден“ по повод тригодишнинатата од членството во НАТО.
Горд е, како што рече, што нашите деца овој ден ќе го изучуваат како еден од најсветлите денови во нашата историја, затоа што, потенцираше, овој ден ја гарантира и нивната иднина. 27 март е денот кога Северна Македонија ја запечати својата безбедносна иднина, момент после кој нашата стабилност не може да биде доведена под прашалник од никого. И од таа точка можеме да чекориме само напред, силно и брзо, рече Ковачевски.
Оваа годишнина, посочи премиерот, не е само сеќавање на моментот кога македонското знаме се развиори пред седиштето на НАТО во Брисел, туку и момент во кој престанавме да бидеме точка на дневен ред во безбедноста и станавме дел од масата која го создава дневниот ред за светската безбедност. (27 март)
Вујчиќ за МИА: Добро е што банките во Македонија имаат традиционален модел, тоа ги прави помалку изложени на кризи
Скопје – Банките во Македонија се добро капитализирани и имаат еден конзервативен модел што е добро бидејќи ги прави да се помалку изложени на кризи. Помала е нивната изложеност за некакви можности на зараза во финансискиот сектор, оценува гувернерот на Централната банка на Хрватска, Борис Вујчиќ во интервју за МИА.
Што се однесува до македонската економија, Вујчиќ смета дека е добро што таа е отворена и според него треба да се инсистира на тоа. На краток рок, како што посочува, може да ги чувствувате влијанијата однадвор, но затоа на среден и долг рок придобивките се големи.
Добро е што таа е многу отворена во однос на земјите во регионот што овозможува во крајна линија на среден и долг рок поголем раст на продуктивноста. Меѓутоа на краток рок може да има поголема чувствителност во однос на тоа што се случува надвор, што видовме и дека се случи. Сепак и понатаму треба да се инсистира на отвореност на економијата и на што поголемо привлекување на инвестииците бидејќи без разлика што на краток рок тоа може да предизвика економијата да биде почувствителна, на среден и долг рок сигурно е добро за растот, вели Вујчиќ. (25 март)
Спасовски: Група испраќала лажни дојави за бомби и ќе добијат кривични пријави за тероризам
Скопје – Група македонски државјани набргу ќе добијат кривични пријави за тероризам и ќе одговараат за лажните дојави за бомби во училиштата и други објекти, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.
-Веќе поднесовме една кривична пријава против еден малолетник и практично навлегуваме во една група на лица коишто учествувале во праќањето на дојавите по електронски пат и токму користењето на VPN адреси итн. и сме во позиција за која за многу скоро време целата таа група ќе биде комплетно разоткриена, ќе бидат поднесени кривични пријави за делото тероризам. И ова како појава нас ни овозможи практично да направиме и промени во делот на протоколите за постапувањето, вели Спасовски во интервјуто.
Објаснува дека било потребно добра подготовка и повеќе време и интензивно се работело не само кон подготовка на процедурата, туку и во делот на истрагите. (26 март)
Ковачевски – Шоле: Северна Македонија кредибилен партнер на ЕУ и САД и пример за успешно решавање на отворени прашања
Скопје – Премиерот Димитар Ковачевски денеска на барање на советникот на американскиот Стејт департмент, Дерек Шоле оствари телефонски разговор со него.
Високиот претставник на Стејт департментот се заблагодарил за покажаното лидерство на Северна Македонија и на премиерот Ковачевски како домаќин на состанокот на високо ниво од дијалогот меѓу Србија и Косово, кој, под покровителство на Европската Унија и со поддршка на САД ,се одржа на 18 овој месец во Охрид.
Организирањето на овој настан, како што нагласил Шоле во телефонскиот разговор, е препознавање на кредибилноста на Република Северна Македонија како партнер на ЕУ и САД и како пример за успешно решавање на отворените прашања. (24 март)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.