Фронтекс, агенцијата за гранична и крајбрежна стража на ЕУ, во последно време постојано е мета на критики и обвиненија дека помага во противзаконското враќање мигранти и употреба на прекумерна сила против нив. Трагедијата на бродот Адријана во 2023 г. кај грчкото крајбрежје ја поттикна народната правобранителка на ЕУ Емили О’Рајли да спроведе истрага, чиишто резултати – и критики – ги соопшти кон крајот на февруари.
Во јуни 2023 г., народната правобранителка на ЕУ, Емили О’Рајли, отвори истрага против Европската агенција за гранична и крајбрежна стража (Фронтекс) во врска со трагедијата на бродот Адријана во која повеќе од 600 луѓе загинаа во близина на брегот на Грција.
Пренатоварениот рибарски брод – кој, според проценките, носел повеќе од 750 луѓе кон Европа – потона. Беа спасени само 104 преживеани, а извлечени беа само 82 тела. Сведоштвата на преживеаните се косеа со извештаите грчката крајбрежна стража за тоа како се случил инцидентот и дали можело да се избегнат смртните случаи.
По седуммесечната истрага, истражителите на О’Рајли открија дека Фронтекс, при поморските спасувања според сегашните правила, не е во состојба целосно да ги исполни обврските на ЕУ во поглед на човековите права.
– Ако Фронтекс има должност да помогне во поморското спасување животи, но ги нема потребните средства, тогаш темава очигледно треба да ја разгледаат законодавците на ЕУ, рече О’Рајли, презентирајќи го извештајот на 28 февруари.
– Фронтекс содржи „крајбрежна стража“ во името, но со нејзините сегашни задолженија и мисија очигледно не успева во тоа, рече О’Рајли.
Таа предупреди дека ако не се сменат правилата, веројатно е дека „повторно ќе има трагедија како Адријана“, една од најстрашните трагедии што се имаат случено во европските води.
Институцијата Народен правобранител нема овластување да наложи препораките од нејзините истраги да се спроведуваат туку само може да посочи каде има причина за загриженост.
Најголем број загинати во 2023: Средоземното Море сè уште е најсмртоносната рута за мигрантите
Меѓународната организација за миграции на ОН соопшти дека 2023 г. била најсмртоносната година за мигрантите с€è од 2014 г., кога организацијата ја востанови својата база на отворени податоци за смртни случаи и исчезнувања на мигранти, под називот Проект за исчезнати мигранти.
Најмалку 8.565 луѓе загинале по миграциските рути низ светот во 2023 г., поради што таа е годината со најголем број смртни случаи во десетте години од самиот почеток на водењето евиденција за нив, објавија Обединетите нации на 6 март. Малку повеќе од половина од загинатите мигранти во 2023 г. се удавиле. Средоземното Море останува да биде најсмртоносната рута за мигрантите, со најмалку 3.129 смртни случаи и исчезнувања регистрирани лани.
Каква задача има Фронтекс – потрага, да; спасување, не?
Фронтекс, основана во 2004 г. и со седиште во Варшава, веќе долго време ја обвинуваат за кршење на човековите права поради прикривање на или замижување пред противзаконското враќање мигранти. Во 2022 г., тогашниот директор на Фронтекс, Фабрис Леџери, поднесе оставка откако се појавија сериозни обвинувања против него и неговиот персонал во врска со нивниот третман на мигрантите што се обидуваат да стигнат до Европа.
– Кај Фронтекс постои очигледна тензија меѓу обврската да ги почитува човековите основни права и должноста да им помага на земјите-членки да ги контролираат границите, рече О’Рајли.
Европската комисија соопшти дека го „примила на знаење“ овој извештај.
– Внимателно ќе го процениме и темелно ќе се произнесеме, рече портпаролката Анита Хипер.
Таа истакна дека „кога станува збор за потрага и спасување, за тоа прашање се надлежни земјите-членки“ – што значи дека Фронтекс е ангажирана само како агенција за поддршка на државните власти во земјите на ЕУ во коишто е ангажирана.
Актуелниот извршен директор на Фронтекс, Ханс Лејтенс, ја потсети О’Рајли дека Фронтекс не е агенција на Европската Унија за потрага и поморско спасување мигранти туку европска агенција за обезбедување на границите и крајбрежјето.
– Ние не сме Европска агенција за потрага и спасување. Ние сме Европска агенција за гранична и крајбрежна стража, изјави Лејтенс, признавајќи дека „комплицираниот“ термин во името на агенцијата е „крајбрежна стража“, бидејќи, како што објасни, „во некои земји“ крајбрежната стража е одговорна за обезбедувањето на границите, но и за извршување задачи како потраги и поморско спасување.
– Тоа не важи за нас, рече тој, коментирајќи дека задолженијата на Фронтекс спомнуваат операции за потрага и спасување, но додаде дека спасувањето не спаѓа во задачите на агенцијата, иако потрагата спаѓа во нив.
– Нашата агенција строго се придржува до своите задолженија, кои не вклучуваат координација на спасувањата, за што се одговорни државните координативни центри за спасување, соопшти Фронтекс.
– Секогаш кога нашите средства ќе откријат можни случаи на опасност, веднаш ги предупредуваме релевантните власти.
Според Фронтекс, агенцијата во 2024 г. ќе раководи со 19 заеднички операции на вкупно 300 интервентни подрачја.
Загриженост околу репутацијата на Фронтекс во врска со човековите права
Организациите за човекови права изразуваат загриженост во врска со третманот на бегалците и мигрантите, предочувајќи дека нема безбедни миграциски рути и има проблеми во соработката на терен.
На еден настан во Мадрид на 11 март, генералната директорка на невладината организација Шпанска комисија за бегалци Естрела Галан изрази загриженост во врска со „недостатокот предлози за легални и безбедни рути за мигрантите“ во европскиот пакт.
Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Јохансон, која присуствуваше на истиот настан, одговори дека управувањето со легалната миграција е во голема мера „под надлежност на државите“, но верува дека ЕУ би била „посилна“ кога би осмислила заеднички пристап кон ова прашање. Рече и дека нема потреба од „некоја голема реформа на Фронтекс“ и изрази дека е „сосема задоволна“ од нејзиното работење.
На минатонеделниот Совет за правда и внатрешни работи, каде што министрите разменија мислења околу проценките на регулативата на Фронтекс, Јохансон рече „не треба да ја менуваме регулативата туку треба да се фокусираме на имплементацијата“.
Извештајот на белгиската група за човекови права 11.11.11, која е „коалиција за меѓународна солидарност“ составена од 60 невладини организации и движења, откри дека европските земји во 2023 г. одбиле повеќе мигранти од своите надворешни граници отколку претходната година. Според бројките на организацијата, лани биле одбиени 340.000 луѓе без можност да аплицираат за азил – а вистинските бројки се веројатно повисоки.
Според 11.11.11, Фронтекс е во послаба положба од земјите-членки кои не се придржуваат до исправните политики за азил. „Во Бугарија, на пример, гледаме дека од персоналот на Фронтекс се бара да си заминат за да не можат да документираат. Улогата на надгледувањето и надзорот недоволно се цени од страна на земјите-членки, но недоволно се цени и од самата Фронтекс. Фронтекс е потребна, но треба да биде поинаку организирана“, изјави директорката на 11.11.11 Елс Хертохен за фламанската телевизија Ве-ер-те.
Договори со земјите-кандидати за ЕУ, префрлање на граничната контрола нанадвор: „Бедемот Европа“?
Целта на правилата што ги усвои ЕУ во декември е да се подели одговорноста за сместување низ 27-те земји од блокот – и да се забрза депортацијата на недокументираните мигранти коишто се оценети како непожелни да останат. Групите за човекови права, меѓу кои и Амнести интернешенл и Хјуман рајтс воч, ги критикуваа измените, велејќи дека се дополнителен чекор кон „Бедемот Европа“.
Во Бугарија, на пример, присуството на Фронтекс наскоро тројно ќе се зголеми. Од 20 март ќе има уште 500 до 600 офицери на Фронтекс, објасни директорот на агенцијата Ханс Лејтенс на 29 февруари на граничниот премин Капитан Андреево на бугарско-турската граница.
Заедно со Лејтенс беше и министерот за внатрешни работи на земјата Калин Стојанов, кој рече дека разговарале, меѓу другото, за можноста да се обезбеди поголем број офицери на Фронтекс коишто би биле распоредени на бугарско-турската и бугарско-српската граница.
Од 2017 г., Бугарија ја штити надворешната граница на ЕУ со Турција со метална ограда долга 234 километри, финансирана од Брисел, со бодликава жица и термални камери. Земјата треба да стане дел од безграничната Шенген зона од крајот на март, макар што ова се однесува само на нејзините воздушни и поморски граници бидејќи сè уште се чека на одлуката да се укинат проверките при преминување на копнените граници.
Сите земји на Западно-балканската миграциска рута (Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија) регистрираа зголемен број илегални преминувања на границата, бидејќи рутата е „исклучително активна“, според словенечкиот министер за внатрешни работи Боштјан Поклукар.
Овој пораст беше причината за планот на словенечката влада да отвори два азилантски центри кај двата поранешни гранични премини со Хрватска во текот на најмногу три години, истакна тој на маргините на Советот за правда и внатрешни работи на почетокот на март во Брисел.
Покрај засиленото присуство на Фронтекс во земјите-членки, контролата на границите исто така се префрла нанадвор преку соработка со земји што не се членки на ЕУ. Фронтекс има договори со земјите-кандидати за членство: Албанија, Србија, Црна Гора, Молдавија и Северна Македонија.
Во октомври 2022 г., Северна Македонија и ЕУ потпишаа договор за оперативна соработка со Фронтекс при контролата на границите. Во април 2023 г. започна заедничката операција на јужната граница на земјата со Грција. Над 100 европски граничари им помагаат на локалните власти со граничниот надзор и проверки, кои вклучуваат патролирање, проверување документи и собирање информации за прекуграничен криминал.
Во ноември 2023 г., Албанија и Италија склучија договор за два прифатни центри за мигранти на албанска територија со можност за процесирање 36.000 мигранти годишно. Центрите управувани од Италија се наменети за процесирање на барањата за азил на мигрантите спасени од море од страна на италијанските власти.
Првиот е центар за идентификација на мигранти сместен во внатрешноста на земјата, со капацитет од „максимум 3.000 лица“, а ќе биде изграден и помал центар кај пристаништето Шенѓин, каде што ќе можат да се закотват италијанските бродови што пристигаат со мигранти.
Договорот на Рим со Тирана е пример како се размислува на поинаков начин при решавањето на миграциските прашања, рече претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во писмо до земјите-членки на ЕУ пред Самитот на ЕУ во декември минатата година.
Сепак, договорот предизвика загриженост кај Советот на Европа, меѓу другите.
– Меморандумот за разбирање меѓу Италија и Албанија за симнување од бродовите и процесирање на барањата за азил, склучен минатата недела, поставува неколку загрижувачки прашања околу човековите права и се надоврзува на загрижувачкиот европски тренд да се префрлаат нанадвор одговорностите за азил, рече комесарката за човекови права на Советот на Европа Дуња Мијатовиќ.
Освен што го склучи договорот со Италија, Албанија во јануари го продолжи договорот со ЕУ од 2018 г. за операциите на Фронтекс. Договорот предложен од ЕУ налага офицерите на Фронтекс да имаат извршни овластувања во областа на илегалната миграција и прекуграничниот криминал.
Босна и Херцеговина почна преговори со Фронтекс на 12 февруари, што беше и еден од условите поставени од Европската Унија за отворање на пристапните преговори во март.
Но, не се само земјите-кандидати тие што потпишуваат договори со Фронтекс: Поранешната членка на ЕУ Велика Британија минатата недела потпиша договор со Фронтекс за поинтензивно да се запира пристигнувањето на недокументирани мигранти, при што Лондон се обидува да ги спречи малите чамци од Франција коишто носат баратели на азил да го преминат Ламанш.