Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Во овој момент на нов геополитички контекст, членството во Европската Унија е најдобрата опција, како за Северна Македонија, така и за регионот, истакна специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина и за регионални прашања на Западниот Балкан, Мирослав Лајчак во обраќањето на Седмата пленарна конференција на Националната конвенција за Европската Унија во Северна Македонија (НКЕУ-МК), што се одржа во Скопје.

– Геополитиката создаде нови можности за проширување на ЕУ, но овие прозорци не остануваат отворени засекогаш, мојот совет за вас е да не ги повторувате грешките од минатотото, мој совет е да го искористите моментот и да го ставите заедничкиот интерес пред партиските интереси, рече Лајчак.

Тој потсети на зборовите на новата еврокомесарка за проширување Марта Кос, која порача дека преговорите бараат интензивни напори од целото општество и тоа мора да биде национален проект во којшто треба сите да бидат носители. 

Како што рече Лајчак, ако го прашате Чет-ГПТ за ЕУ, ќе ви каже дека таа е политичка и економска Унија, но таа е пред се Унија на луѓе обединети во нивната различност. Тие луѓе, според него, треба да веруваат во Унијата, бидејќи има многу загрижувачки трендови, како хибридни војни, популизам и намалување на довербата, што го доведуваат во опасност европскиот проект.

– Не велам дека ЕУ е совршена, но би сакал да кажам неколку збора за еропскиот пат на Македонија. Кога го започнавте овој процес сметав дека ќе напредувате многу, но за жал не сте ни близу и ја споделувам вашата фрустрираност. Се што беше споменато мора да се исполни. Факт е дека параметрите се поставени и нема да кажам ништо ново, да не ја испуштите оваа можност и да не ризикувате да останете запоставени. Исто така и во поглед на неодамнешните геостратешки случувања, проширувањето е навистина приоритет и за оваа Европска комисија, а и претседателот на Европскиот совет се ангажира со регионот во последните неколку денови, рече Лајчак. (11 декември)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.