Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Одлуката на шефовите на држави или влади на членките на ЕУ за отворањето на пристапните преговори со Босна и Херцеговина е историски момент за државата. Ова претставува политички потег со промената на геополитичката ситуација, особено откако Украина доби кандидатски статус за членство, но БиХ и понатаму треба да надмине многу пречки на нејзиниот пат кон ЕУ. 

Лидерите на ЕУ го одобрија стартот на пристапните преговори со Босна и Херцеговина, иако преговорите нема да започнат се додека не се усвојат сите потребни реформи. 

– Честитки! Вашето место е во нашето европско семејство. Денешната одлука е клучен чекор напред на вашиот пат кон ЕУ, наведе претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во честитката на платформата Икс по усвојувањето на одлуката на Самитот во Брисел на 22 март.

– Сега треба да продолжиме со напорната работа со цел Босна и Херцеговина да напредува стабилно, како што сака вашиот народ, додаде тој. 

Сè повеќе реформи 

Босна и Херцеговина уште во 2022 година стана официјален кандидат за членство, но мораше да спроведе голем број реформи пред да добие зелено светло за преминување во следната фаза. Минатата недела, Брисел соопшти дека државата ги исполнила сите потребни барања, но некои судски и изборни реформи остануваат неспроведени. 

Војната во Украина ја засили желбата на ЕУ за проширување, при што во декември земјите членки се согласија да ги отворат пристапните преговори и со Украина и Молдавија. 

Потребата за нови членки е дел од напорите да се потисне руското и кинеското влијание во дворот на ЕУ. 

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен рече дека БиХ е „целосно усогласена“ со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, дека го подобрила справувањето со миграциските текови и усвоила закони за борба против перење пари и финансискиот тероризам. 

Таа го поздрави барањето на Босна и Херцеговина да ги вклучи пресудите на Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија во домашната криминална евиденција. 

Фон дер Лајен ги поздрави понатамошните чекори кон дијалог и помирување по војната во земјата од 1992 до 1995 година, со создавањето на нов Комитет за градење мирот. 

Преговорите се само почеток на долгиот процес на усвојување реформи кој обично трае многу години пред една земја да може да се приклучи кон ЕУ. Претседателот на Република Српска (РС), Милорад Додик, сојузник на Кремљ, има огромно влијание врз српскиот народ и често со своите изјави предизвикува етнички тензии, што го загрозува патот на Босна и Херцеговина кон ЕУ. 

Регионалните соседи на Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Црна Гора, Србија и Албанија се неколку чекори понапред, но сепак и нивниот пат до членство е долг. 

Пречки за членството 

На одлуката за отворање на преговорите со БиХ се противеа група земји членки, меѓу кои и Холандија, Данска, Франција и Естонија, кои сметаат дека напредокот на државата на европскиот пат сè уште е ограничен. 

Холандскиот Парламент се двоумеше дали да ја блокира одлуката, но на крај остави премиерот Марк Руте да одлучи за тоа. Тој предупреди дека ветото ќе ѝ нанесе „огромна штета“ на Холандија и го убеди мнозинството да изнајде поблаго решение. Парламентот побара од Руте да ја блокира преговарачката рамка, процедурален чекор пред да започнат вистинските преговори, додека Босна и Херцеговина не ги исполни осумте дополнителни барања поставени од Европската Комисија лани. Сепак, тој на крајот даде симболично зелено светло за отворање на пристапните преговори. 

Од друга страна, групата „Пријатели на Балканот“, која вклучува неколку земји, како Австрија, Хрватска, Италија, Унгарија и Словенија, го поттикна процесот на интеграција на Сараево. – Ова е голем чекор напред кон она што го нарекуваме обединување, отворањето на пристапните преговори со Босна и Херцеговина, нагласи италијанската премиерка Џорџа Мелони

Словенечкиот премиер Роберт Голоб ја опиша одлуката на Европскиот Совет како важен чекор на патот на Босна и Херцеговина кон европското семејство. Одлуката, додаде тој, е исто важна и охрабрувачка порака за целиот регион на Западниот Балкан, придонесувајќи за негова стабилност, развој и подобра иднина. 

Словачкиот министер за надворешни работи Јурај Бланар изјави дека приближувањето на БиХ кон ЕУ е од интерес на Словачка, но потсети и дека другите земји од Западниот Балкан чекаат на членство во ЕУ повеќе од две децении. 

Повици за реформи, утврдување на распоредот за Украина и Молдавија 

Премиерот на Португалија во заминување Антонио Коста беше еден од тие со повнимателен пристап кон проширувањето. Иако тој не се спротивстави преговори со Украина, Молдавија и Западниот Балкан, на пример, сепак повеќе наврати има изјавено дека ЕУ не може да го забрза процесот и да носи одлуки врз основа на емоции, пред се конкретно за Украина. 

На 6 октомври, по неформалниот самит на Европскиот Совет во Гранада, Коста рече дека „за проширувањето да биде успешно, од фундаментално значење е да се спроведат внатрешните реформи“ во ЕУ, советувајќи „да не се прават реформи само заради проширувањето“ и додаде дека двата процеси „треба да напредуваат синхронизирано“. Тој исто така изрази загриженост дека сегашната фискална архитектура нема да може да се справи со толку многу различни економии, додавајќи дека затоа Португалија е против поставување краен рок за реформите за проширување на ЕУ. 

Романскиот претседател Клаус Јоханис повика на организирање на предвидлив распоред за Украина и Молдавија, за забрзано усвојување на преговарачките рамки и организирање на првите меѓувладини конференции со двете земји кандидати. 

Хрватска силно се залага за Босна и Херцеговина 

Одлуката на Европскиот Совет за отворање на пристапните преговори со Босна и Херцеговина е поттик за земјата да продолжи со реформите, изјави хрватскиот премиер Андреј Пленовиќ и додаде дека за тоа се клучни менувањето на изборниот закон и надгласувањето на Хрватите, кои сметаат дека не се соодветно претставени во институциите. 

– Оваа одлука е одличен поттик за понатамошни реформи, така што БиХ може да се приклучи на конвојот на кој Украина и Молдавија се приклучија малку порано, изјави Пленовиќ за Радио-телевизија Херцег-Босна. 

Тој нагласи дека Босна и Херцеговина може да го забрза својот напредок кон ЕУ со спроведување на реформи и верува дека изборна реформа е клучното решение. – Ова е клучно за решавање на прашањето за легитимно застапување на Хрватите во Претседателството на БиХ, бидејќи оваа аномалија постои од 2006 година. Тоа праќа порака на непочитување на конститутивен народ и искривување на духот, словото и одредбите од Дејтонскиот договор, рече Пленковиќ.  

Изборниот систем на Босна и Херцеговина е заснован на моделот на три конститутивни етникуми. Бошњачките политички партии се залагаат да се напушти етничкиот принцип во изборниот процес. Хрватите, кои се трипати помалобројни, се плашат дека ќе бидат надгласувани од побројните Бошњаци во Федерација Босна и Херцеговина, што веќе се има случено четири пати при изборот на членови на колективното претседателство. 

Бугарија ја повикува Северна Македонија да го признае бугарското малцинство 

Бугарската вицепремиерка Марија Иванова Габриел, за време на учеството на Конгресот на Европската народна партија (ЕПП) во Букурешт, изрази поддршка за Украина, Молдавија и Грузија на нивниот пат кон ЕУ. 

Процесот на проширување на Западниот Балкан, пак беше тема на средбата меѓу бугарскиот премиер Николај Денков и словенечката претседателка Наташа Пирц-Мусар на 27 февруари.  

– Нашиот регион има огромен потенцијал за развој доколку работиме заедно, рече Денков, прецизирајќи дека Бугарија го поддржува проширувањето на ЕУ, но дека кандидатите мора да ги исполнат условите за членство. 

На 6 март, бугарското Министерство за надворешни работи ја повика Северна Македонија да ги спроведе политичките обврски преземени во 2022 година, со кои се предвидува внесување на бугарското малцинство во Уставот, со што ќе се деблокира патот во преговорите за членство во ЕУ. 

Проширување за преостанатиот Западен Балкан? 

Специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак истакна дека ЕУ ја отвора вратата за проширување, вклучително и за регионот на Западниот Балкан. – Атмосферата во Брисел и во земјите членки е навистина променета. Сега тие се сериозно заинтересирани за проширувањето. Вратите се отвораат. Сега треба да се искористи можноста. Тоа е геополитичко прашање за Европа. Без балканскиот регион нема целосна интеграција, рече тој. 

Европскиот совет најави дека внатрешните реформи во ЕУ ќе бидат разгледани на следниот состанок, со цел да се усвојат заклучоци до летото 2024 година. 

Што се однесува до Северна Македонија, специјалниот претставник на САД за Западниот Балкан Габриел Ескобар се заложи земјата веднаш да стане полноправен кандидат за членство во ЕУ. – Северна Македонија e солиден партнер, како билатерално, така и мултилатерално во НАТО, ОБСЕ, објави тој на платформата Икс. 

Претходно, тој изјави дека американската Администрација очекува идната влада да биде слично посветена како и сегашната на членството во НАТО, пристапувањето во ЕУ и на борбата против корупцијата. 

Сторијата се објавува неделно. Содржината е заснова на вести од агенциите кои учествуваат во ЕНР.