Атина, 13 септември 2023 (МИА) – Мислам дека овој е последниот моментум што треба да го фатиме, бидејќи се плашам дека луѓето на Западен Балкан ќе престанат да се грижат за тоа што Европската Унија, мисли, вели или прави, порача меѓу другото заменик-претседателот на Владата на Северна Македонија Бојан Маричиќ за време на неговото учество на панел диксусијата во Атина за ЕУ перспективата на Западен Балкан, истакнувајќи дека членството во 2030 година е реална цел, но и треба да биде мотивација, јави дописничката на МИА од Атина.
Вицепремиерот говореше за визијата, лидерството и напорната работа, кои неодамна ги спомена претседателката на Европската Комисија, истакна дека Западен Балкан е опкружен со земји членки на Европската унија и земјите од регионот не се далечни земји, кои бараат членство, а како споредба посочи дека популација на државите кандидати е 18 милиони што не го надминува бројот на жители на Романија.
Османи – Столтенберг: Заедничкиот пристап на НАТО и ЕУ во Западен Балкан клучен за регионалната стабилност
Скопје, 13 септември 2023 (МИА) – Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска оствари средба со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во рамки на работната посета на Брисел.
На средбата стана збор за актуелните безбедносни предизвици, како и активностите на НАТО во насока на адаптирање кон новата безбедносна реалност, справување со предизвиците и зајакнување на одбраната и одвраќањето.
Посебен фокус на разговорите биле актуелните состојби во Западен Балкан, како регион од стратешки интерес за Алијансата.
Османи за МИА: Сега е моментот кога се одредува насоката на движење на државата
Брисел, 13 септември 2023 (МИА) – Навистина сум оптимист дека сега влегуваме во нова фаза, при што топката е на наша страна и верувам дека граѓаните ќе ја разберат важноста на моментот дека судбината на државите се одлучува на одредени моменти, а ова е еден од тие мометни кога се одредува насоката на движење на државата, кога сме во пресвртна точка дали ќе влеземе во период на изолација или во период на забрзана инетеграција во ЕУ, изјави за МИА министерот за надворешни работи Бујар Османи на крајот на денешната работна посета на Брисел.
Сега, вели Османи, одговорноста е на секој од нас, на секој политичар, секој пратник и секој граѓанин. – Доминантниот став е дека има несекојдневно поместување на позицијата на ЕУ за потребата од проширување. За жал требаше да се случи војна, за да ја потикне таа свест, но таа свест е тука. Ставот е дека не знаеме колку ќе траа таа отворена врата и затоа е важно секој да го препознае моментот, истакна Османи.
Писонеро за МИА: ЕУ е загрижена дека измените во Кривичниот законик може да влијаат врз случаите на корупција на високо ниво
Брисел, 13 септември 2023 (МИА) – Северна Македонија се обврза да го промовира владеењето на правото и да се бори против неказнивоста и затоа, санкциите за корупциски активности мора да бидат ефективни, соодветни и разубедувачки, изјави за МИА портпаролката на Европската комисија Ана Писонеро запрашана за коментар за Измените во Кривичниот законик.
– ЕУ со загриженост забележува дека некои од измените во Кривичниот законик усвоени во забрзана постапка од Собранието на Северна Македонија со кои се намалуваат максималните законски казни и се предизвикуваат импликации врз примената на принципот на застареноста, влијае врз голем број случаи на корупција на високо ниво, наведе Писонеро.
Таа додаде дека употребата на процедурата со ЕУ знаменце треба да биде поврзана со усогласување на националното право со законодавтвото на Унијата.
Радев: Уставните измени се европски, а не бугарски барања
Атина, 13 септември 2023 (МИА) – Решението за проблемите во односите на Бугарија со Северна Македонија лежи во имплементацијата на Копенхашките критериуми за членство во ЕУ и во почитувањето на човековите права. Затоа, повеќе не треба да се зборува за „бугарско вето“, бидејќи има јасен заклучок на Европскиот совет од јули годинава и договорена преговарачка рамка, вели бугарскиот претсдеател Румен Радев во интервју за грчката новинска агенција АНА-МПА.
– Тоа се европски, а не бугарски барања, кои јасно кажуваат дека Република Северна Македонија мора да го измени својот устав за да им даде можност на Бугарите да имаат уставна заштита и еднакви права со тоа што ќе бидат вклучени во уставот на еднаква основа со другите државотворни нации во земјата. Треба да се искорени јазикот на омразата и насилството врз Бугарите, и да се почитува и заштити бугарското културно и историско наследство, истакнува Радев.