Сараево (Фена) – Генералниот секретар на НАТО Марк Руте во понеделникот беше на работна посета на Босна и Херцеговина, каде што се сретна со највисоките функционери на државата, вклучувајќи членови на Претседателството на БиХ, претседавачката на Советот на министри, министрите за надворешни работи, одбрана и безбедност.
Неговата посета доаѓа во контекст на растечките глобални геополитички предизвици, нестабилност на европскиот континент и политичките тензии внатре во самата Босна и Херцеговина.
Руте нагласи дека НАТО останува посветен на стабилноста на регионот и суверенитетот на Босна и Херцеговина речиси три децении по Дејтонскиот мировен договор, кој го заврши војната во БиХ.
Нашата посветеност кон Босна и Херцеговина е цврста. НАТО целосно го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на БиХ. Дејтонскиот мировен договор останува темел на мирот во оваа земја и мора да се почитува – Марк Руте
Тој исто така предупреди дека сите обиди за подривање на Дејтонскиот договор, уставниот поредок или државните институции се неприфатливи. Рече дека ова не е 1992. година и нема да дозволи создавање на безбедносен вакуум. Руте истакнува дека меѓународната заедница останува посветена на поддршката на Босна и Херцеговина преку мисиите на ЕУФОР и НАТО.
Претседавачката на Претседателството на БиХ Жељка Цвијановиќ го поддржа засилувањето на присуството на ЕУФОР и НАТО поради сè поголемото ширење на дезинформации и закани.
Од друга страна, членот на Претседателството Денис Беќировиќ истакна дека Руте е „големиот пријател на евроатлантската и мултиетничката Босна и Херцеговина“. Жељко Комшиќ, третиот член на Претседателството, нагласи дека БиХ треба да ги зголеми издвојувањата за одбрана за да се усогласи со стандардите на НАТО.
Претседавачката на Советот на министри на БиХ Борјана Кришто смета дека не постојат безбедносни закани во земјата и дека државните институции функционираат стабилно.
Руте исто така го посети командата на НАТО во Сараево (NHQSa) во кампот Бутмир, каде што се сретна со претставници на НАТО, Европската унија и висок преставник за БиХ.
Посетата на генералниот секретар на НАТО Руте е важен показател дека Босна и Херцеговина и нејзините институции остануваат приоритет за меѓународната заедница – објави ОХР на платформата Икс.
Во обраќањето пред студентите од Сараево, Мостар и Источно Сараево, Руте истакна дека БиХ има историска можност за мир и просперитет и дека треба да ги искористи приликите кои ќе ја насочат цврсто кон европската иднина. „Дејтонскиот договор можеби не е совршен, но е темел на мирот во БиХ и мора да се почитува“, рече генералниот секретар на НАТО Марк Руте. (11.3.)