Сараево (Фена) – Министерот за безбедност на Босна и Херцеговина Ненад Нешиќ најави одржување на Сараево Миграциски Дијалог на Јахорина, клучен настан посветен на регионалната соработка во управувањето со миграции. Овој настан, кој ги собира претставниците на влади, меѓународни организации и експерти, има за цел поттикнување на соработката и наоѓање на заеднички решенија за миграциските предизвици со кои се соочува Босна и Херцеговина и регионот на западен Балкан.
Посебен акцент Нешиќ стави на скоро завршените преговори со Европската унија за договорот со FRONTEX, Европската агенција за гранична и крајбрежна стража.
– Со задоволство можам да истакнам дека во стратешка смисла го завршивме речиси целокупното работење околу потпишувањето на договорот со ЕУ кога е во прашање FRONTEX. Останати се само технички детали и процедурални активности, а верувам дека договорот наскоро ќе биде политички потврден во надлежните институции на БиХ – рече Нешиќ.
Министерот Нешиќ особено ја нагласи важноста на присуството на Хенрик Нилсен, директор за Шенген, граници и визи при Генералната управа за миграции и внатрешни работи на Европската комисија (DG HOME).
– За нашиот преговарачки процес исклучително е значајно присуството на господинот Нилсен. Неговата посветеност и поддршка, како и поддршката на неговите соработници и целиот DG HOME, се непроценливи за успешно спроведување на овој и други процеси кои заедно ги реализираме со нашите европски партнери – истакна Нешиќ.
Сараево Миграциски Дијалог ќе овозможи дискусија за клучните миграциски прашања, вклучувајќи ја регионалната соработка, борбата против трговијата со луѓе, зајакнување на политиките за враќање и реадмисија, и улогата на Европската унија во управувањето со миграциите на западниот Балкан. (18.9.)