Брисел – Шефовите на дипломатиите на државите од Западниот Балкан и на земјите членки на ЕУ денеска попладне ќе одржат министерски состанок под претседателство на високиот претставник на Унијата за надворешни работи и безбедност Жосеп Борел.
Целта на Состанокот ЕУ-Западен Балкан е дополнително да се интензивира ангажманот на Унијата со земјите од регионот, со акцент на заедничката надворешна и безбедносна политика на блокот во контекст на геополитичките предизвици во европското соседство.
Средбите во овој формат со цел засилен ангажман на Унијата со државите од западнобалканскиот регион, резултираа со Декларацијата од Тирана усогласена на 6 декември 2022 година, со која лидерите ја изразија својата решеност да се забрза и продлабочи политичкиот ангажман, вклучително и преку учество на партнерите од Западен Балкан во настани на високо ниво на ЕУ и преку редовни дијалози за заедничката надворешна и безбедносна политика. (13 ноември)
Борел: Ќе разговарам со министрите на земјите од Западен Балкан за неодамна усвоениот извештај за проширувањето
Брисел – Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел, денеска изјави дека на проширен состанок со министрите на земјите од Западен Балкан ќе разговара за неодамна усвоениот извештај на Европската комисија за проширувањето .
Тој на новинарите пред министерскиот состанок изјави дека ЕУ покажала колку тој регион и е важен.
– Ќе разговараме за неодамнешниот извештај на Комисијата за проширување и ќе инсистираме на усогласување со нашата надворешна политика, од причина што некои од земјите не се усогласени со неа и со санкциите, рече Борел. (13 ноември)
Премиерот Ковачевски ќе учествува на 20. Виенски економски форум
Скопје – Премиерот Димитар Ковачевски денеска ќе учествува на 20-то јубилејно издание на Виенскиот економски форум.
Според програмата, предвидено е премиерот Ковачевски да говори на панел- сесијата „Градење економска соработка во тешки времиња“, заедно со премиерите на Албанија, Еди Рама, на Косово, Албин Курти, на Бугарија Николај Денков, како и министерот за економија на Молдавија, Думитру Алаиба.
Во рамки на Форумот, претседателот на Владата Ковачевски ќе оствари билатерални средби со премиерот на Косово, Албин Курти и со еврокомесарот за економија Паоло Џентилони. Ковачевски ја предводи делегацијата во која е заменик министерот за финансии Филип Николовски. (13 ноември)
Состанок на Експертската мрежа на ОБСЕ во Скопје
Скопје – Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи денеска ќе го отвори состанокот на Експертската мрежа на ОБСЕ – Стратегиско предвидување во променлива средина: Перспективи за соработка и безбедност во Европа – Градење на експертска мрежа на ОБСЕ што се одржува во Скопје.
Формирањето на Експертската мрежа на ОБСЕ претставува уште една одредница постигната во рамки на Претседавањето на Северна Макеоднија со ОБСЕ во 2023 година. Оваа мрежа има за цел да ги истражи бројните динамични трендови на соработка во областа на безбедноста во Европа и клучната улога што ја имаат организациите како ОБСЕ и тинк-тенковите во обликувањето на политиките во овој критичен домен.
Покрај Османи, воведно обраќања ќе има и генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид. На дводневниот состанок на Експертската мрежа на ОБСЕ ќе присуствуваат голем број на претставници на организации партнери на ОБСЕ и на тинк-тенкови. (13 ноември)
Ивановска: Извештајот на ЕК за состојбата со корупцијата е аларм со сите црвени светла
Скопје – Власта треба да одговори за оценките во Извештајот на ЕК дека нема прогрес во борбата против корупцијата и исполнетоста на само 10 проценти од препораките на Антикорупциската комисија, вели Билјана Ивановска претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Или ќе се одбиеме од дното да зачекориме по вистински пат или ќе продолжиме да тонеме и тогаш веќе ќе забележат дека одиме назад,
Билјана Ивановска, претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата
– Ние отворивме повеќе предмети, разговаравме за повеќе појави кои што му тежат на ова општество. Направивме повеќе анализи од кои што излегоа повеќе препораки и тие беа упатени до соодветните институции кои што требаше да ги имплементираат. Но, за жал, имплементацијата на нашите препораки е на многу ниско ниво, не е ниту една третина. Последното скалило од оценката на ЕК е дека одиме назад. Значи ова е аларм со сите црвени светла. Значи или ќе се одбиеме од дното да зачекориме по вистински пат или ќе продолжиме да тонеме и тогаш веќе ќе забележат дека одиме назад, вели Ивановска. (11 ноември)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.