Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски во своето експозе пред гласањето за новата Влада рече дека во првите сто дена Владата ќе има напорна работа, дека ќе работи на намалување на даноците, на зголемување на пензиите, дека Владата ќе отпочнеме проект со над 200 милиони евра за општински проекти, една милијарда евра за македонската економија, нови странски инвестиции за нови вработувања, бесплатни учебници за сите, фронт против корупцијата, борба за раст до 5 проценти на македонската економија и почеток на капитални инфраструктурни проекти и други проекти. Мицкоски нагласи дека ова ќе биде влада за народот.
За нападите од опозицијата во изминатите два дена, Мицкоски рече дека ги смета за депласирани и надвор од она што е интерес на граѓаните и оти тие биле дефокус од нивните реални проблеми.
– Нападите кои ги слушам овие два дена генерално се сведуваат на две тези – првата е Преспанскиот договор и вратете го името и втората е францускиот предлог и преговарачката рамка, рече Мицкоски, кој обраќајќи се кон пратениците на СДСМ.
За втората теза за Преспанскиот договор дека викале една работа, а правеле друга работа, премиерот рече дека не само што е лажна туку е и срамна и оти се додека тој е премиер ваков бугарски диктат под вакви околности нема да помине и нема да има уставни измени.
– Еве уште еднаш да ви појаснам дека ваков бугарски диктат под вакви околности додека сум јас премиер нема да помине и нема да има уставни измени треба тоа да ви е јасно, направивте грешка таа грешка секој еден граѓанин ќе го чини многу, но најмногу ќе ја чини Македонија зошто, затоа што тогаш пред да влегувате во такви авантури требаше да седнете како што јас ви подавам рака, требаше вие нам да ни подадете рака и да седнеме да разговараме. Тогаш ќе беше јасно дека таа работа едноставно така како што вие или некој друг ја замислил едноставно не врви. Луѓето што ме знаат, знаат дека мојот збор планини тежи и овие работи што ви ги кажувам, ги кажувам затоа што верувам во тоа и да ќе ја кажам срамната придавка пред заклетвата затоа што тоа мене лично ме потсетува на срамот што и го нанесовте на мојата татковина, на моето семејство и моите неродени внуци и на тие по нив. И да ќе правам се додека сум жив политички и како човек се што е во моја моќ оваа неправда да ја исправам. За жал во овој момент сум немоќен и во овој момент и јас како човек ќе морам да капитулирам пред вас и да ја кажам таа срамна придавка затоа што таа за жал е дел од законот и Уставот што морам како претседател на владата да ги почитувам, рече Мицкоски.
Новиот премиер свечената заклетва во Собранието ја кажа со уставното име Република Северна Македонија.
Новата Влада на премиерот Христијан Мицкоски беше избрана со 77 гласа „за“ и 22 „против“. Пред гласањето салата ја напуштија пратениците од Европскиот фронт. (23 јуни)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.