Скопје – Македонскиот пат кон ЕУ започна многу пред да започне евроинтеграцискиот процес на Албанија, дури и на Хрватска, но за нас системот на заслуги е бајка, порача премиерот Христијан Мицкоски во обраќањена панелот посветен на пристапот на Западниот Балкан кон Европската Унија, одржан во рамки на 61. Минхенска безбедносна конференција.
– За нас бајката стана подвижна мета. Ние сме жртви на билатеризација или, да бидам попрецизен, нашето придвижување кон ЕУ е многу комплексно. Наместо да ја донесеме Европа до Балканот, ние го донесовме Балканот во Европа. За жал, има земји членки на ЕУ кои доаѓаат од Балканот и кои заедно во Брисел донесоа билатерални спорови, наместо бриселските вредности да ги донесат на Балканот, рече Мицкоски, додавајќи дека без сомнение „наш маркер останува да станеме дел од ЕУ“.
Како што информира владината Прес-служба, премиерот во обраќањето истакна слушнал некои коментари дека говорот на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс на првиот ден од Минхенската безбедносна конференција претсавувал големо мешање во внатрешните работи. – Промената на името, промената на знамето, промената на валутата, што се? Не се мешање во внатрешните работи. Колку долго треба да патиме од двојните стандарди? Ние тука не зборуваме за процес заснован на системот на заслуги, ние зборуваме за билатерални спорови кои не треба да имаат ништо заедничко со европските вредности, истакна Мицкоски.
Тој посочи дека нашата држава е целосно усогласена со надворешна и одбранбена политика со ЕУ, дека сме меѓу петте земји најголеми донатори на Украина по глава на жител и го исполнивме условот за одвојување на два отсто од БДП за одбранбените трошоци на годишно ниво.
– Морам да го истакнам ова прашање, кога Русија го напаѓа и го негира украинскиот идентитет, ние сме сите гласни, критикуваме, се бориме за правата на украинскиот народ и против оваа невидена агресија, но кога Парламент на една земја членка од ЕУ го напаѓа и го негира македонскиот идентитет и мојот македонски мајчин јазик, тогаш сите молчат, истакна Мицкоски, порачувајќи дека Европа нема да биде обединета без сите европски земји и дека „овој процес ќе трае додека сите земји аспиранти земји не станат дел од заедничката маса со останатите членки на Европската Унија“. (16 февруари)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.