Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Никој не треба да има никаква дилема дека трансатлантското партнерство не е само наш, туку тоа е приоритет и на Германија и на САД, изјави денеска на прес-конференција во Владата на Република Северна Македонија, премиерот Христијан Мицкоски.

– Тоа партнерство е гарант за мир секаде во светот, нешто што на сите нас ни е потребно, вклучително и во Украина и во сите држави во светот генерално. Во тоа трансатлантско партнерство најсилни алки се САД и Германија. Така што тука не треба никој да има дилема, рече Мицкоски, додавајќи дека очекува уште поголемо зајакнување на билатералните односи со Берлин по победата на сестринската партија на неговата ВМРО-ДПМНЕ, ЦДУ на германските парламентарни избори.

На прашањето дали по неговата минатонеделна посета на САД очекува новата Американска администрација да „ни помагне во билатералниот проблем со Бугарија“, Мицкоски рече со контактите со најблиското опкружување на претседателот Доналд Трамп можеме „само да добиеме, а не и да изгубиме“.

– Имам чувство, а и тоа што успеав од прво лице да го видам и слушнам е дека полека но сигурно од Вашингтон и насекаде во светот ќе се шири и ќе владее новото нормално. Ние сме меѓу првите што го поддржавме новото нормално и ценам дека тоа ќе биде масовно во периодот којшто следи и ќе добие голема поддршка во светот. Ценам дека со контактите што ги имаме од најблискиот периметар на претседателот Трамп можеме само да добиеме, а не и да изгубиме, нагласи Мицкоски.

Тој повтори дека билатералниот спор што го имаме со Бугарија е спор што генерално нема никаква врска со вредностите на 21-от век, па затоа земјава треба час поскоро да ги почнеме и формално преговорите со ЕУ. (24 февруари)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.