Скопје – Министерот за европски прашања Орхан Муртезани изјави дека на средбите кои заедно со премиерот Христијан Мицкоски неодамна ги имаа во Брисел со високи претставници на Европската Унија, меѓу кои и со претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, се разговарало и за идејата за уставни измени за внесување на Бугарите со одложено дејство.
– Беше разговарано за предлогот на нашата Влада за носење на уставните измени со одложено дејство, за што, морам да бидам искрен, не дека има некоја голема надеж од страна на институциите во Брисел дека таков предлог би поминал, меѓутоа не се отфрла ан-блок. Има одредена доза оптимизам кој ние ќе треба да го конкретизираме. Мислам дека Владата има добра основа кога вели дека логиката во уставните измени треба да е слична со онаа што е направена кога влеговме во НАТО по промената на името. Односно дека во фазите на промената на Уставот треба да има уште еден дополнителен амандман што ќе гласи дека содржината ќе се материјализира, ќе влезе во сила, откако Бугарија ќе го ратификува договорот за приклучување на земјава кон Европската Унија, изјави Муртезани во интервју за „360 степени“ на МРТ 1.
Прашан за коментар за пораката на Шарл Мишел објавена на социјалните мрежи по средбата со Мицкоски дека сега е клучно да се спроведат обврските од минатото, Муртезани вели дека Мишел се повикал на одлуките на Советот што се веќе донесени. – Тоа што ние го добиваме како сигнал од другата страна е посветеноста процесот да оди напред, вели тој.
Министерот Муртезани наведува дека засега не може да каже дека Владата има конкретен план што би успеал, но оти се работи на одредени насоки, кои што, вели, даваат надеж и треба да се прецизираат и материјализираат откако Бугарија ќе добие стабилна политичка влада.
Според него, одлуката Албанија да ги почне преговорите по поглавја покажува дека пристапниот процес не само што е жив, туку се одвива со многу поголема брзина.
– Тоа што Црна Гора го има поминато или сработено во изминативе шест месеци, во нормални услови, без агресијата на Русија врз Украина, ќе требаше да се заврши во период од 3 до 4 години. Значи, затоа велам дека овој момент треба да влијае врз нас уште повеќе да работиме на изнаоѓање решенија и да го фатиме чекорот за брзо да напредуваме, посочи Муртезани. (30 септември )
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.