Скопје – Најважно за Северна Македонија е да ги направи сите неопходни реформи и да остане на евроинтегративниот пат, порачаа амбасадорите на Финска, Шведска и Австрија во Скопје, Никлас Линдквист, Ами Ларсон Џаин и Мартин Памер на панел дискусија во Европска куќа, посветена за придобивките од зачленувањето во ЕУ по повод 30-годишнината од пристапувањето на нивните земји во Унијата.
Во однос на билатералното прашање со Бугарија, шведската амбасадорка Ларсон Џаин смета дека тоа е одлука која што треба да се донесе од властите на Северна Македонија, додека австрискиот амбасадор Памер рече дека овој предизвик ќе може да се надмине со спроведување на т.н. компромис од страна на ЕУ постигнат во 2022 и оти е потребно да се има добра волја за да се изнајде решение.
На прашањето дека со оглед на тоа што сме пофалени за Реформската агенда, но од друга страна сме заглавени со прашањето со Бугарија, Линдквист рече дека е важно Северна Македонија да продолжи со преговорите со ЕУ за овие прашања.
– Од моја гледна точка тоа што е најважно е дека вие може да имате најголема корист од Планот за раст на ЕУ, затоа што мислам дека токму со Планот за раст и Реформската агенда можат да се видат најголемите резултати што се дел на процесот на преговори со ЕУ и дека преку овие две работи можете да им ги покажете на граѓаните кои се најголемите придобивки од членството во ЕУ, рече Линдквист.
Според него, секогаш е многу важно да се има дијалог со која било земја и да се има отворена дискусија кога зборуваме за самото членство во ЕУ. – Во овој контекст сакам да нагласам дека преговорите на вашата земја се водат со ЕУ, а не со која било соседна земја, рече Линдквист.
Шведската амбасадорка истакна дека исполнувањето на реформите ќе го скратат патот на преговори на земјава во ЕУ, потсетувалќи дека Шведска има програма за поддршка на Северна Македонија и над десет милиони евра годишно се имплементираат, се инвестираат во државата со цел, како што посочи, да и се помогне да може што поскоро да стане земја членка на ЕУ, меѓутоа исто така да може оваа земја да напредува во спроведување во реформите.
Австрискиот амбасадор, на прашањето ако државава не ги почне преговорите во следната година или година и пол, дали ќе може да го стигне очекуваниот датум од 2030 за членство во ЕУ на другите соседни земји, и дали Австрија посредува да се изнајде решение во прашањето со Бугарија, рече дека е помалку важно да се зборува за конкретни датуми туку за поголеми достигнувања во контекст на реформите кои се бараат од државата.
– За мала земја како Северна Македонија, членството во ЕУ е единствениот пат и единствената опција. Првата работа што треба да се потенцира е да се спроведат сите неопходни реформи во вашата земја, кои не се поврзани само со едно прашање, додаде Памер. (24 април 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.