Брисел – Серии претреси беа извршени во четврток во Белгија и Португалија, а еден осомничен беше уапсен во Франција, во истрага за корупција во Европскиот парламент насочена кон кинескиот телеком гигант Huawei.
Белгискиот судија кој ја води истрагата наложи да се постават печати во неколку канцеларии на Парламентот во Брисел и Стразбур, особено во оние доделени на двајца парламентарни помошници кои се сметаат за осомничени, соопшти федералното обвинителство.
Според обвинителството, корупцијата била практикувана “редовно” и “многу дискретно” од 2021 година, “под маската на трговско лобирање”, со надоместоци за преземање политички позиции, “неповрзани подароци” како трошоци за исхрана, патувања или покани на фудбалски натпревари.
Еден осомничен беше уапсен во Франција по европска потерница издадена од белгиското правосудство, беше прецизирано.
Huawei е во центарот на технолошките ривалства помеѓу Кина и другите големи сили. САД се сомневаат, без докази, дека кинеските опреми може да се користат за шпионажа. (13 март 2025)