Сараево (Фена) – Во Босна и Херцеговина во недела, 6 октомври, се одржаа локални избори. Во општините што беа погодени од неодамнешните поплави и свлечишта, изборите беа одложени. И во овој циклус, партиите со национален префикс доминираа на локалните избори во БИХ, но загубија некои градови и поголеми урбани средини.
На овие локални избори, граѓаните на Босна и Херцеговина избраа 143 градоначалници и општински началници и 3.200 советници и пратеници во двата ентитета, како и нов состав на Собранието на Брчко дистриктот на Босна и Херцеговина.
Централната изборна комисија на БИХ потврди учество за 110 политички субјекти, 58 коалиции, 76 независни кандидати и 43 независни кандидати од редовите на националните малцинства, како и девет листи на независни кандидати. Право на глас имаа 3.406.088 гласачи, од кои 44.789 граѓани беа регистрирани за гласање надвор од Босна и Херцеговина.
Што се однесува до кандидатите за општински началници и градоначалници, ги имаше 386, а меѓу нив само 29 жени.
Првпат во историјата на БИХ, на одредени избирачки места беа тестирани нови изборни технологии, со цел обезбедување поголем интегритет на изборите.
Активностите во рамките на пилот проектите кои ги спроведува Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина (ЦИК БИХ), а се однесуваат на автентикација на избирачите и пренос на резултатите и исто така на биометриска идентификација на избирачите беа спроведени со техничка поддршка од Агенцијата за идентификациони документи, евиденција и размена на податоци на Босна и Херцеговина (ИДЕЕА) и со финансиска поддршка од Европската унија и Мисијата на ОБСЕ во Босна и Херцеговина.
Пилот проектите вклучија автентикација на избирачите, автоматско броење гласови преку оптички скенери, биометриска идентификација и видео надзор на избирачките места.
Целта на воведувањето на нови технологии, меѓу останатото, е спречување гласување во име на измрени лица кои се на избирачките списоци, како ни во име на оние кои одлучат да не излезат тој ден на изборите.
Откако високиот претставник во БИХ Кристијан Шмит во март оваа година ги искористи своите овластувања и наметна измени на Изборниот закон на БИХ, на изборните листи повеќе не можеа да се најдат воени злосторници, како што беше случај во минатото.
Исто така, по завршувањето на изборниот процес, заедничка посматрачка мисија на ОБСЕ-овата Канцеларија за демократски институции и човекови права (ОДИХР), Конгресот на локалните и регионалните власти на Советот на Европа и Европскиот парламент (ЕП) оцени дека изборните подготовки биле водени професионално, иако имало значителна оптовареност во смисла на имплементација на новите прописи во кратко време и со неадекватни ресурси.
– Тие добредојдени реформи додадоа важни гаранции на изборниот процес, но уште не се потполно ефективни. Сега сите политички партии мора да се соберат и да најдат заеднички пат напред за иднината на својата земја и да се настојува да се изгради доверба меѓу граѓаните која моментално недостасува – рече на конференција за новинари Кориен Јонкер, која беше на чело на ОДИХР-овата мисија за посматрање на изборите.
Потсети дека поради големите поплави во поедини делови на земјата воочи изборите, гласањето беше одложено во пет општини.
Јонкер наведе дека жените и понатаму се недоволно застапени во јавниот и политичкиот живот, што покажува дека напорите да се постигне урамнотежена родова застапеност во избраните и именуваните тела не беа доволни. Истовремено, како што нагласи, жените и понатаму се соочуваат со честа мизогинија во лексикон и закани, и имаат ограничена улога и видливост во кампањите.
Централната изборна комисија на БИХ, според оценката на меѓународните посматрачи, функционираше ефикасно и професионално.
– Ги повикуваме Централната изборна комисија да продолжи со добрата работа како досега, која се развиваше воочи овии избори додека одиме кон генералните избори 2026. Истовремено, сметаме дека се потребни понатамошни подобрувања на постоечките изборни процедури бидејќи е потребна ревизија на избирачкиот список, а употребата на ИКТ треба да се подобри и потоа да се прошири на целата држава за да се зголеми довербата на јавноста во изборниот процес – рече Луција Анунциата, раководителка на делегацијата на Европскиот парламент.
Меѓународната изборна посматрачка мисија на локалните избори во Босна и Херцеговина имаше вкупно 240 посматрачи, кои ги составуваа 202 распоредените стручњаци на ОДИХР, долгорочни и краткорочни посматрачи, 25 членови и персонал од Конгресот и 13 од Европскиот парламент. (9.10.2024.)