Скопје – Шефот на дипломатијата Бујар Османи очекува објектвен извештај од Европската комисија во кој ќе има признание за постигнатото, но и критика за сите слабости во државата.
– Очекувам објективен извештај. ЕК обично е објективна во своите проценки. Мислам дека ќе има и пофалби во однос на постигнувањата, се разбира ќе има и критики во однос на одреден слабости, коишто ги има државата. Токму затоа правиме напори да ги отвориме поглавјата за да ги адресираме слабостите. Ние сите сме свесни дека државата денес не е спремна за членство во ЕУ, но е спремна за отворање на поглавјата за да ги адресира токму тие слабости што очекувам да ги констатира ЕК во извештајот, изјави Османи одговарајќи на новинарско прашање во врска со тоа каков извештај очекува од ЕК.
Државата денес не е спремна за членство во ЕУ, но е спремна за отворање на поглавјата,
Бујар Османи, министер за надворешни работи на Република Северна Македонија
Комисијата в среда на 8 ноември ќе ги ги презентира годишните извештаи за напредокот на земјите кои очекуваат идно пристапување во Европска Унија. (6 ноември)
Ескобар: Бугарија уверува дека нема да додаде повеќе услови за Северна Македонија
Скопје – Бугарија нема да даде нови услови за целосна интеграција на Северна Македонија во Европската унија, уверува заменик-помошникот државен секретар на САД задолжен за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
Тој во телефонско интервју за Гласот на Америка на македонски, рече дека бугарските колеги го увериле оти немаат намера да додадат повеќе услови за Северна Македонија на патот кон ЕУ и нагласи дека не се работи за гаранции, туку само за уверување од Бугарија оти сакала да го види регионот да се движи напред на европскиот пат.
– Тие би сакале да видат напредок на патоказот. Сакаме да бидеме сигурни дека можеме да работиме со сите страни за да осигураме дека тие услови се исполнети. Но, тоа треба да биде засновано на факти и вкоренето во постоечките обврски, за да осигураме дека Северна Македонија ќе може да се движи напред во пристапниот процес, вели Ескобар. (4 ноември)
Фон дер Лајен: Украина се движи кон следната фаза од процесот на пристапување кон ЕУ
Брисел – Со одличните резултати што ги постигна во реформите и со напорната работа, убедена сум дека Украина се движи кон следната фаза од процесот на пристапување кон ЕУ, изјави денеска во Киев претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
На заедничката прес-конференција со украинскиот претседател Володимир Зеленски по нивната средба, Фон дер Лајен нагласи дека Украина постигна одличен напредок на патот кон ЕУ на што ќе бидеме сведоци следната недела кога Европската комисија ќе го објави својот извештај за проширувањето.
– Импресионирани сме од реформите што ги направивте среде војна. Никогаш нема да заборавиме дека водите војна за опстанок, а во исто време длабоко ја реформирате земјата. Се справивте со многу предизвици, реформирајќи го правосудниот систем, ограничувајќи ја моќта на олигарсите, справувајќи се со перењето пари и уште многу повеќе, додаде Фон дер Лајен. (4 ноември)
Шукова: Со 10 милиони евра од ЕУ во четири града ќе бидат заменети нееколошките системи за затоплување во јавни објекти
Скопје – Министерството почнува со проект со финансиска поддршка од Европската унија во вредност од 10 милиони евра, со кој во четири града во земјава нееколошките системи ќе бидат заменети во еколошки системи за затоплување во јавни објекти, најави денска министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.
– Проектот е 10 милиони евра, околу 5,6 милиони евра ќе се користат во четири општини Скопје, Куманово, Битола и Тетово за замена на нееколошки системи. Во моментов ги мапираме објектите во тие четири града за да утврдиме точно кои се најбитните каде што треба да се почне со замената на системите. Во рамките на овој проект ќе зазелениме нови јавни површини во овие четири општини, рече Шукова на денешната најавна прес-конференција за отпочнување на годинешната акцијата за пошумување – Пошумуваме заедно 2023. (4 ноември)
Конгоанските мигранти ја напуштија зградата на поранешната Македонска амбасада во Брисел
Брисел – Десетиците мигранти по потекло од Конго кои кон средината на минатиот месец ги запоседнаа просториите каде порано беше сместена Македонската амбасада во Брисел, доброволно го напуштија објектот, потврдија за МИА од дипломатското претставништво на земјава во Белгија.
Напуштањето на објектот од страна на мигрантите беше организирано во соработка и координација со белгиското Министерство за надворешни работи и градоначалникот на Брисел, Филип Клоз, при што конструктивна и коректна улога имала и бриселската полиција.
Станува збор за објект во кој во минатото била сместена Амбасадата на поранешна СФР Југославија во Брисел, а кој согласно Договорот за сукцесија на имотот на некогашната заедничка држава постигнат меѓу земјите наследнички, им припадна на Северна Македонија и Хрватска. (5 ноември)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.