Скопје – ЕУ мора да покаже поголема грижа за регионот. На претстојниот самит Европскиот совет има можност да донесе одлуки за побрза интеграција на Западен Балкан, наместо да го одложува тоа прашање за по европските избори, порача претседателот Стево Пендаровски, на конференцијата „Интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ-предизвици и перспективи”, што се одржа во Скопје во организација на Подгоричкиот клуб и Универзалната мировна федерација.
Според Пендаровски, неспорно е дека со кандидатскиот стаус им се дава симболична поддршка на Украина и на Молдавија, во исклучително тежок период и тоа е добро, но на Западниот Балкан не му е потребен политички симболизам, туку конкретна политичка одлука.
Базирајќи ги своите одлуки за Украина и Молдавија врз геополитичкиот резон наместо врз агендата на реформи и перформанси, според Пендаровски, ЕУ почнала да наликува на НАТО. (14 октомври)
Црвенковски: Земјите од Западен Балкан да побараат од ЕУ постепена интеграција и пред полноправното членство
Скопје – Поранешниот претседател на државата Бранко Црвенковски на конференцијата „Интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ – предизвици и перспективи“ во Скопје предложи земјите од Западен Балкан да побараат од Унијата постепена интеграција и пред полноправното членство.
Сите земји од Западен Балкан да побараме од ЕУ пристап до заедничкиот европски пазар и до структурните фондови,
Бранко Црвенковски, поранешен македонски преседател
– Сите земји од Западен Балкан, без исклучок, заедно да побараме од ЕУ пристап до заедничкиот европски пазар и до структурните фондови на Унијата. Не како алтернатива на полноправното членство, туку како меѓучекор кој дополнително ќе не подготви за целосно интегрирање, рече Црвенковски.
Според него, во услови кога постојат лимитирачки фактори во евроинтегрирањето, важно е земјите од Западен Балкан да ги завршат работите што зависат само од нив – да ги спроведат неопходните реформи – не затоа што Брисел тоа го бара, туку затоа што тоа е добро за граѓаните.
Маричиќ: Блиску сме до целта, ЕУ работи на реално забрзување на пристапниот процес
Скопје – Новата променета и реформирана методологија го прави процесот на проширување поконкретен и со повеќе можности, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ на завршната сесија на Форумот на граѓанско општество во Тирана.
– Денес имаме различен пристап во пристапувањето. Можам да кажам дека има големи сериозни промени во последните месеци, особено по ГлобСек форумот можеме да забележиме дека има сериозни, суштински чекори за проширување на ЕУ. И тоа е голема позитивна промена за нас како земји кандидатки, посочи Маричиќ, кој е и главен преговарач на земјава со ЕУ.
Тој додаде дека во последните месеци „веќе добивме нешто што го баравме и очекувавме долго време“, како изјавата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој 2030 ја посочи како можен датум за идното проширување. За нас тоа е добредојдено и добро е да го имаме предвид при носењето одлуки, рече Маричиќ. (15 октомври)
Сореца: Интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ на врвот на политичката агенда на Самитот на Берлинскиот процес
Тирана – Амбасадорот на ЕУ во Албанија, Луиџи Сореца изјави дека интеграцијата на Западен Балкан во Унијата ќе биде на врвот на политичката агенда, на самитот на Берлинскиот процес, што се одржува денеска во Тирана.
За време на конференција во Тирана за улогата на парламентот на патот на евроинтеграцијата, Сореца оцени дека Берлинскиот процес игра многу важна улога за земјите од регионот. Според Сораца, целта е да се обединат земјите од Западен Балкан на заеднички пазар пред да влезат во ЕУ и тие да имаат пријателски односи.
Тој, исто така, додаде дека се многу важни средбите на министрите и шефовите на држави, но дека е важно да се среќаваат и членовите на парламентите од регионот, да го покажат своето единство и да излезат со заеднички изјави. (13 октомври)
Памер: Неопходно е да се одреди датум за да се добие одредена перспектива за членство
Скопје – Австрија и групата пријатели на Западен Балкан сака да види неколку нивоа во пристапувањето. Не би сакале заради евроинтеграцијата на Грузија, Молдавија и Украина, земјите на Западен Балкан да останат позади, да заостанат. Сметаме дека земјите од Западен Балкан се еднакво подготвени, ако не и подобро подготвени, вели амбасадорот на Австрија во Скопје, Мартин Памер.
Важно е да имаме предвид каде одиме, да продолжиме и да забрзаме,
Мартин Памер, амбасадор на Австрија во Северна Македонија
Според Памер, неопходно е да се одреди датум за да се добие одредена перспектива, затоа што процесот веќе предолго трае и од стратешка гледна точка потребно е да се забрза.
– Многу подобро е да ги вклучиме нашите партнери таму каде што веќе ефикасно придонесуваат, учествуваат и на тој начин да ги уживаат погодностите на ЕУ. Значи станува збор за постепена интеграција. Но, важно е да имаме предвид каде одиме, да продолжиме и да забрзаме, појасни Памер во интревју за рацин.мк. (13 октомври)