Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Исходот од декемврискиот Самит е јасен, со оглед дека предусловот што го имаме во европската Преговарачка рамка, не можеме да го исполниме, тоа е очигледно. Во меѓувреме, за жал, поради тврдиот став на опозицијата, ништо не се промени во таа насока. И јасно дека во декемврискиот Самит не може да има позитивна одлука за нас, изјави претседателот Стево Пендаровски во врска со очекувањата од Самитот на ЕУ во декември.

Пендаровски, кој се обрати на самитот на Глобалниот парламент на градоначалници на тема „Моќни, ангажирани и хумани градови“, додаде дека овој месец завршува скринингот, а главниот предуслов земјава да продолжи со преговорите не се исполнува.

Прашан околу датумот на изборите, Пендаровски изрази мислење дека ставовите на власта и на опозицијата се приближуваат и оти е можно наскоро да се договорат за одржување на претседателските и парламентарните избори во исто време. (18 ноември)

Џафери: Важно е ЕУ да не го измести фокусот од Западен Балкан и да не ја одлага интеграцијата

Скопје – Проширувањето е една од најдобрите политики на ЕУ како геостратешка потреба и е долгорочна инвестиција за цела Европа во политичка, безбедносна и економска смисла. Тоа е добар механизам, што не мотивира да ги спроведуваме бараните реформи во предвидените рокови, чиј краен резултат би требало да биде членство во Унијата. Верувам дека како држави покажавме дека можеме да се носиме со предизвиците од процесот на интеграција и дека сме сериозни партнери во овој заеднички проект, рече претседателот на Собранието, Талат Џафери во обраќањето на 11. Состанок на спикери на парламентите на земјите од ЈИЕ во Будимпешта.

Талат Џафери, претседател на Собранието. Фото: МИА

Тој посочи дека пред 20 години на самитот во Солун се заклучи дека Западниот Балкан ќе биде дел од ЕУ, по исполнувањето на Копенхашките критериуми. Северна Македонија, потсети Џафери, донесе тешки одлуки за иднината на земјата и благосостојбата на граѓаните. (17 ноември)

Османи: Историјата ќе ги казни луѓето што ќе ја пропуштат шансата пред која се наоѓаме 

Скопје – Не можам да кажам од сега дека тој процес нема да успее. Месец и пол во политиката е долг период во кој може да се направат и големи работи. Меѓутоа, на крајот со име и презиме ќе ги кажеме тие што ќе ја прокоцкаат оваа историска шанса и кои ќе бидат причина за сите последици што ќе ги има државата поради таа пропуштена можност, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи во однос на очекувањата од Самитот на ЕУ во декември.

Османи рече дека почетокот на преговорите е најтешкиот процес и дека тој нема да престане да работи „до последната секунда“, бидејќи „ние немаме алтернатива“.

– И затоа, секој што мисли на луѓето, не смее да престане да верува и да се обидува да го отвори тој процес којшто е без алтернатива за сите нас. Но, понекогаш се чувствуваме како Дон Кихот и се бориме против сите неправедности кои се обидуваат да ја кочат државата, рече Османи. (18 ноември)

До среда или четврток ќе се знае дали Лавров ќе дојде во Скопје за Министерскиот состанок на ОБСЕ 

Скопје – Се процесираат апликациите и во наредните денови, очекувам некаде до среда-четврток, да имаме конечна одлука, изјави министерот за надворешни работи Бујар Османи на прашањето дали на претстојниот Министерски совет на ОБСЕ во Скопје ќе учествува и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров

Бујар Османи, министер за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ. Фото: МИА

Се уште не е дефинирано кој ќе ја предводи делегацијата на Русија на состанокот на ОБСЕ, со оглед на затворениот воздушен простор кај нас и во соседните земји за високите претставници на руското МНР. 

На 30. Министерски совет на ОБСЕ, кој ќе се одржува од 29 ноември до 1 декември во Спортскиот центар „Борис Трајковски“, ќе учествуваат 76 делегации од земји членки и партнери на ОБСЕ и се очекуваат 1000 гости во делегациите. (18 ноември)

Нацевска: Интензивно се работи на  приклучување на земјата кон СЕПА

Скопје – Народната банка интензивно работи на усвојување на регулаторните и техничките стандарди на ЕУ во платежната сфера за што поскоро приклучување на земјата кон Единствената европска платежна област (СЕПА), посочи вицегувернерката Емилија Нацевска, која учествува на Работилницата за платни системи од високо ниво во организација на Европската централна банка (ЕЦБ).

– Преточувањето на широк сет на директиви и регулативи на ЕУ во платежната сфера во правниот систем на земјата, кое се ефектуираше на почетокот на оваа година, обезбеди висок степен на усогласеност во правната рамка за приклучување на земјата кон СЕПА. Покрај на усогласување на правната рамка, Банката е силно посветена и на примена на техничките стандарди ИСО 20022 во Македонскиот интербанкарски платен систем (МИПС), порача Нацевска. Според неа, Народната банка е фокусирана на адаптирањето кон овој стандард најдоцна во текот на 2025 година. (18 ноември)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.