Скопје – Министерот за локална самоуправа Ристо Пенов во интервју за МИА посочи дека земјава се соочува со неколку нивоа на проблеми околу фискалната децентрализација и фер распределувањето на средствата, наведувајќи ги како пример понискиот степен на децентрализација од европските стандарди, неискористењето на ингеренциите овозможени со закон, како и недостигот на капацитети кај малите општини.
Тој вели дека дека земјава според бројките е пониско децентрализирина од европските стандарди, каде што повеќе од 10 проценти од буџетот, од бруто општествениот производ, се одвива низ локалната самоуправа.
– Кај нас тоа е некаде околу пет – пет и пол отсто. Сега со овие промени во зголемувањето на учеството и на ДДВ-то и на персоналецот за општините, се стремиме да стигнеме до шест – шест и пол до 2025 година, што е ниско, појасни министерот Пенов. (17 декември)
Ковачевски: Се уште се прават калкулации за цената на струјата
Скопје – Финалната цена којашто се состои од три ценовни параметри кои на крај Регулаторна комисија за енергетика ги определува, овозможува да нема ценовен шок за граѓаните и според првичните калкулации што се прават врз основа на овие параметри, овозможува дури намалување на цената на електричната енергија за малите потрошувачи, односно компаниите коишто вработуваат 98 проценти од вработените во државата, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
За да го нема тој ценовен шок, како и досега, вели Ковачевски, државата има определено финансиски средства во буџетот, како за 2022 така и за 2023 година.
-Министерот за финансии и јас на прес-конференција за буџетот многу транспарентно информиравме дека веќе имаме ставено ставка во буџетот од 250 милиони евра за справување со економско енергетската криза, истакна тој. (18 декември)
Судскиот совет на итна седница за за случајот „Таргет – тврдина“
Скопје – Судскиот совет на Северна Македонија денеска ќе одржи седница на која ќе расправа по изнесените информации во јавноста за постапувањето на Апелациониот суд Скопје по предметот познат како „Таргет-Тврдина“.
Претседателката Совет Весна Дамева за одлуката на Апелација со која беше укината првостепената пресуда и предметот „Таргет – Тврдина“, кој се однесува на масовното прислушување, го врати на повторно постапување, викендов најави дека денеска во рамки на нејзините овластувања веднаш ќе преземе дејствија.
За случајот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува за масовното прислушување и уништување на опремата од УБК, Основниот кривичен суд Скопје на 26 февруари 2021 година изрече казна затвор од 55 години и 10 години условни казни, односно вкупно 65 години за 11 лица. (19 декември)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.