БРИСЕЛ – Решението за Украина не може да се бара без Украина и без Европската унија и конечното решение не смее да ја наградува Русија како агресор, рече во четврток хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
“Не може да се зборува за Украина без Украина и не може да се бара конечно решение без Европската унија. Конечното решение не смее да ја наградува Русија како агресор”, изјави Пленковиќ пред новинарите пред европскиот самит на кој ќе се разговара за поддршката на Украина и за зајакнување на европската одбрана.
“Украина не смее да биде принудена на полукапитулација со загуба на својата територија. Досегашната политика на западот и Европската унија во овој контекст, и дипломатската и политичката, не смее да биде понижена,” истакна Пленковиќ.
Тој додаде дека Хрватска може да го понуди своето искуство во водење на мировни преговори и враќање на окупираните територии во процесот на мирна реинтеграција.
На прашањето што ќе се случи ако унгарскиот премиер Виктор Орбан или неговиот словачки колега Роберт Фицо ги блокираат заклучоците за Украина, Пленковиќ рече дека веројатно ќе се оди на план Б, а тоа е да претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта ги објави заклучоците кои се прифатливи за мнозинството со поддршка на преостанатите 25 или 26 лидери на државите членки.
На состанокот на Комитетот на постојаните претставници на државите членки (КОРЕПЕР) во четврток наутро пред почетокот на самитот не успеа да се дојде до консензус, што значи дека можеби лидерите на државите членки лично ќе се занимаваат со усогласување на заклучоците за Украина, на кои се противат Унгарија и во нешто помека варијанта Словачка. (6. март 2025.)