Гранада – Треба да знаеме дека во текот на нашиот евроинтеграциски пат имаме преземено и ние обврски, има преземено и ЕУ обврски и тоа се обврски коишто ќе треба да ги исполниме. Се друго е залажување на граѓаните, се друго е бегање од реалноста, се друго е бегање од одговорност и се друго е немање на храброст, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
– Гледајте во однос на тоа што е ставено како работен материјал јас кажав дека не би сакал да го коментирам бидејќи треба да го презентираат тие коишто го подготвиле, а се работи за германско француска работна група. И секако дека тие на официјалниот состанок којшто ќе го има на неформалниот утре и на официјалниот во декември својот предлог ќе го презентираат. Има држави коишто тоа го потврдуваат, меѓутоа ние треба да знаеме дека во текот на нашиот евроинтеграциски пат имаме преземено и ние обврски, има преземено и ЕУ обврски и тоа се обврски коишто ќе треба да ги исполниме, посочи Ковачевски. (5 октомври)
Османи: Регионот мора да ги засили напорите за реализација на внатрешни реформи
Скопје – Берлинскиот процес еволуираше во водечка платформа за регионална соработка која носи голема политичка и економска тежина и служи како движечка сила за регионалната соработка, но и му помага на регионот да ја оствари својата стратешка цел – целосна интеграција во Европската Унија, рече шефот на дипломатијата Бујар Османи во обраќањето на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите учеснички на Берлинскиот процес во Тирана.
Како што соопшти МНР, осврнувајќи се на проширувањето, Османи кажа дека охрабрувачки е што внатрешната дебата на ЕУ за ова прашање и начините како да се олесни тоа добива на темпо и квалитет.
Во тој контекст, посочи тој, најавата за новиот План за раст за Западен Балкан, треба да биде насочен кон зголемена конвергенција со ЕУ, преку овозможување пристап до клучните двигатели на растот, како што се Единствениот пазар и финансиската помош. (6 октомври)
Борел: Изгубивме многу време во процесот на проширување, мора да го забрзаме
Гранада – Добро е да се има цел, да се има хоризонт, а 2030 како датум за проширување на ЕУ е тој хоризонт, но потребно е тоа да се забрза, затоа што досега изгубивме многу време тој процес, изјави високиот претставник на ЕУ Жосеп Борел при пристигнувањето на денешниот неформален Самит на ЕУ што се одржува во шпанскиот град Гранада.
– Целта на поставување на датум е да се мобилизира политичката енергија за да започне движење. Добро е да се има цел, да се има хоризонт, но тоа не е прецизен датум. Ако немаме хоризонт луѓето ќе мислат дека има време, но ние немаме време. Изгубивме многу време во процесот на проширување, изјави Борел, додавајќи дека сега кога и Украина е кандидат за членство, тоа ќе може „да ги потурка“ и останатите земји. (6 октомври)
Вархеји од Тирана: Се случува членството на Албанија во ЕУ, подготвени сме да се прошириме
Тирана – Комесарот за проширување за ЕУ, Оливер Вархеји, кој денеска учествува на состанокот на министрите за надворешни работи во рамки на Берлинскиот процес во Тирана, изјави дека „членството на Албанија во ЕУ се случува“, додавајќи дека „од 1 јануари следната година ЕУ е подготвена да биде домаќин на новите држави од Западен Балкан“.
Според него, отворањето на Колеџот на Европа во Тирана е јасен сигнал дека членството на Албанија во ЕУ се случува.
– Членството во ЕУ ќе се случи, доаѓа и на Западен Балкан, а во текот на денот ќе слушнете уште повеќе такви работи. Ова е насоката по која одиме, ова е планот за раст што ќе го направиме денес за да го забрзаме проширувањето од 1 јануари следната година, за да бидеме подготвени да ги пречекаме новите земји од ЕУ, затоа што сме подготвени да ги пречекаме, за да ве пречекаме вас, посочи Вархеји. (6 октомври)
ЕУ фондовите се повеќе се злоупотребуваат, предупредуваат ревизорите
Брисел – Трката за трошење на средствата на Европската унија пред истекот на рокот покажува дека има зголемување на бројот на земји кои неправилно трошеле пари, објави финансискиот надзорен одбор на ЕУ.
Истрагите за 196 милијарди евра исплатени средства од буџетот на ЕУ во 2022 година откриле дека имало неправилности поврзани со 4,2 отсто, што е повеќе од три отсто една година порано, се вели во извештајот на Европскиот суд на ревизори (ЕЦА).
Земјите можат да бараат исплати според претходниот буџетски циклус до крајот на оваа година, додека парите од фондот за закрепнување по пандемијата мора да се потрошат до 2026 година. (6 октомври)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.