од АНСА, АФП, ДПА, ЕФЕ, ХИНА
Повеќе од 74 отсто од граѓаните со право на глас излегоа на гласачките места во неделата, што претставува најголем одѕив на гласачите од падот на комунизмот во 1989 година. Како изненадувачки резултат, проевропската опозиција предводена од Доналд Туск е на пат да ја симне од власта националистичката партија Право и правда (ПиС ) по осум години владеење, иако таа остана најголема партија во полскиот Парламент.
Опозицијата, предводена од поранешниот полски премиер и претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, ги оцени парламентарните избори во неделата како „последна шанса“ за спас на демократијата во земјата. Сега, трите опозициски партии (Граѓанска коалиција, Трет пат и Левица) освоија доволно места за да го прекинат владеењето на партијата Право и правда (ПиС), за време на кое односите на Полска со ЕУ се влошија драматично. – Ова е крај на мрачните времиња, изјави Туск во неделата доцна вечерта.
„Триумф и на демократијата и на либерализмот“
Според резултати што ги објави полската Национална изборна комисија во вторникот, десничарската ПиС остана најсилната партија, но без мнозинство со освоени 35,38 отсто од гласовите (194 пратенички места). По неа, следи центристичката и проевропска изборна алијанса Граѓанска коалиција (КО) на чело со Туск со 30,7 проценти (157 пратенички места). Центристите од Третиот пат освоија 14,40 отсто (65 места), а левичарскиот сојуз од неколку партии Левица 8,61 проценти (26 пратенички места). Екстремно десничарската Конфедерација освои 7,16 отсто од гласовите (18 места).
И покрај тоа што освои повеќе гласови од кој било од своите ривали, ПиС нема многу простор за маневрирање за да формира коалиции. Нејзиниот воинствен однос низ законодавниот дом, со конфронтации и дисквалификации кон практично целиот политички спектар, ја доведоа во идеолошка изолација. Партијата ја зголеми својата националистичка реторика во кампањата, па дури и влезе во спор со соседна Украина, која е зафатена од војна. Единствениот реален коалициски партнер на ПиС е ултрадесничарската партија Конфедерација, но дури и со нивните места тоа не би и било доволно да се формира владејачко мнозинство. Покрај тоа, и двете групи соопштија дека не сакаат таков сојуз.
Коалицијата на Туск, сепак, има полесен пат до формирање влада со мнозинство во Парламентот со тоа што ќе коалицира со партијата Трет пат и со Левица. Оваа коалиција на коалиции – која вкупно би вклучувала повеќе од десетина партии – би имала 248 места во 460-члениот Сејм, Долниот дом на Парламентот.
Доаѓањето на либералната опозиција на власт ќе донесе огромна политичка промена во Полска, спротивставувајќи се на националистичката тврдокорна католичка визија за земјата на партијата ПиС. За опозицискиот електорат, ставањето крај на владеењето на ПиС би го вратило и угледот на Полска на меѓународната сцена. Туск вети дека ќе ги обнови односите со Брисел и ќе ги деблокира замрзнатите средства на ЕУ поради сегашниот судир со Варшава околу владеењето на правото во Полска.
Пјотр Бурас, шеф на канцеларијата во Варшава на паневропскиот тинк-тенк, Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР), рече дека овие избори се „триумф и на демократијата и на либерализмот“. На изборите доминираа прашања, како што се руската инвазија на соседна Украина, мигрантите и правата на жените.
Победата на проевропската опозиција е дотолку позначајна затоа што е постигната во крајно нерамноправни услови и покрај пристрасните јавни медиуми и фактот што владејачката партија ја искористи финансиската и институционалната моќ на државата во своја полза.
Изборните набљудувачи открија дека ПиС ја искористи својата моќ во јавните медиуми на изборите. – Набљудувачката мисија откри дека додека јавната телевизија им даваше бесплатно време на сите натпреварувачи, нејзиното политичко покривање јасно ја промовираше владејачката партија и нејзините политики и во исто време демонстрираше отворено непријателство кон опозицијата, соопшти во понеделникот во Варшава набљудувачкиот тим на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
Можен „лов по отпадници“
Формирањето нова влада нема да оди лесно или брзо: се уште многу работи зависат од претседателот Андреј Дуда, кој е сојузник на ПиС и се очекува прво да и го даде мандатот за формирање нова влада на оваа партија. Дури откако ПиС ќе го врати мандатот поради немањето мнозинство во парламентот, Дуда ќе му го понуди мандатот на лидерот на опозицијата, најверојатно Доналд Туск.
– Оваа влада ќе има силна и непријателска антиевропска опозиција – ПиС и екстремно десничарската Конфедерација – што ќе претставуваат повеќе од 40 отсто од гласачите, вели шефот на ЕЦФР-Варшава, Бурас.
Со оглед на предвидливиот „лов по отпадници“ што би можел да се ослободи од владејачката партија, градоначалникот на Варшава, Рафал Трасковски, истакната фигура во КО, на полската телевизија изјави дека е „убеден оти ќе има обиди“, но смета дека не може да има толку многу дезертирања за да „оневозможат нова влада“.
Министерот за образование, Пшемислав Чарнек (ПиС), предупреди дека „војната ќе започне“, во врска со обидите на ПиС ќе ги искушува своите ривали и да ги привлече во својата орбита.
Понатаму, некои експерти укажаа на фактот дека новата хетерогена владина коалиција би можела да биде неефикасна и наскоро би можела да се соочи со центрифугални спорови.
„Полска се враќа“ во европскиот проект, но промената нема да се случи преку ноќ
(Прелиминарните) изборни резултати беа дочекан со олеснување низ ЕУ – и сигурно ќе имаат ефекти на краток и среден рок во Брисел, што значително ќе го забави јакнењето на десницата низ Европа. Вишеградската оска излезе со модринки од изборите во Полска, бидејќи Унгарецот Виктор Орбан го губи клучниот сојузник во неговиот предизвик на вредностите на ЕУ.
– Полска се врати, изјави Манфред Вебер, шефот на Европската народна партија (ЕПП), најголемата групација во Европскиот парламент, во понеделникот во Стразбур.
Исходот предизвика олеснување у во другите институции на ЕУ додека размислуваат за променета на политичка насока на шестата по големина економија во блокот, далеку од националистичките/популистичките линии поттикнати од Владата во заминување, која отворено му пркоси на Брисел за неколку прашања.
Од 2015 година, ПиС е еден од главните поткопувачи на напорите на ЕУ за преобликување на политиката за миграција и азил на блокот. Пред две години, полскиот премиер Матеуш Моравјецки го прогласи правото на ЕУ – кое треба да биде над секое национално законодавство – за „некомпатибилно“ со полскиот Устав.
Некои членки на ЕУ, вклучително и Франција, го сфатија тоа како напад врз Европската Унија и она за што таа се залага. Резултатот беше носење на Полска пред Европскиот суд на правдата, каде правната битка продолжува.
Политичкиот аналитичар и претседател на Институтот за европски студии на Универзитетот во Брисел, Рамона Коман, рече дека иако често се случува одделни земји да се жалат дека нивните интереси се газат на ниво на ЕУ, „полската и унгарската влада направија многу повеќе со оспорување на законитоста и легитимноста на самата Европска унија“.
ЕУ е на пат да си го врати „партнерот кој е попомирлив, попозитивен и поотворен за компромиси“, предвиде Лукас Мачек, шеф на Центарот „Гранде Европа“ и научен соработник во тинк-тенкот на Институтот „Жак Делор“ во Париз.
Но, тој предупреди на „црно-белата визија“ за идните односи, велејќи: „Нема се радикално да се промени. Ќе има транзиција, со ограничен простор за маневрирање“.
Се засилува мнозинството на Урсула, ослабуваат Конзервативците и реформистите?
Групата Европски конзервативци и реформисти (ЕЦР), со кои претседава италијанската премиерка Џорџија Мелони од партијата Браќа на Италија (ФДИ), би можела да биде ослабена по изборите во Полска, бидејќи полскиот премиер Матеуш Моравјецки повеќе нема да е во Владата. Таа може да се најде на крстопат во наредните месеци: да се приближи до ЕПП, а со тоа и до мнозинството, или да остане на страната на нејзиниот полски сојузник.
Моравјецки и ПиС беа и останаа една од главните пречки за постизборен сојуз меѓу ФДИ и десниот центар. Сега кога полскиот премиер е поразен на изборите, преговарачката моќ на ЕЦР, а со тоа и на ФДИ, сигурно значително ќе се намали.
– Кој знае што ќе се случи сега во италијанската политика и во ЕЦР, е реакцијата на лидерот на ЕПП, кој не го крие фактот дека мнозинството на претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен по изборите во Варшава секако станува посилно. Новиот полски премиер би можел да дебитира во ЕУ на декемврискиот Европски совет.
Овој напис се објавува еднаш неделно. Содржината се заснова на вести од страна на агенции-учеснички во енр.