Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Брисел – С.Македонија, заедно со Албанија, од денеска го започнуваат објаснувачкиот скрининг со Европската Комисија. Целта е да се ажурираат тимовите за законодавството на ЕУ од 2019 до денеска.

Последниот објаснувачки скрининг за овие две земји заврши во 2019, и сега е потребно да бидат информирани за новитетите.

Од ЕК за МИА вчера изјавија дека тие остануваат целосно посветени на унапредувањето на ЕУ процесот со Скопје и Тирана. -Ова е прв и значаен чекор во преговарачкиот процес, целосно поддржан од владите и парламентите на двете земји, изјави портпаролката Ана Писонеро за МИА.

Таа додаде дека следните месеци носат „интензивна работна програма“ за сите страни, а таа ќе започне со Темелите.

Овие технички средби се очекува да траат околу два месеца, по што треба да започнат билатералните скрининзи.

Откако ќе заврши билатералниот скрининг, Северна Македонија ќе може да ги започне и формално преговорите по кластери и поглавја со ЕУ, но само доколку прво го промени Уставот и ги внесе Бугарите како конститутивен народ во него. (15 септември)

Северна Македонија ќе претседава со ОБСЕ од 2023 година

Скопје – ОБСЕ и Северна Македонија одбележуваат 30 години партнерство, а земјата во 2023 година ќе претседава со организацијата за безбедност и соработка на Европа.

Северна Македонија е подготвена да ја преземе таа одговорност, оцени министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на настанот организиран во мисијата на ОБСЕ во Скопје по повод 30 години соработка. За време на претседавањето ќе бидат организирани две големи конференции во Скопје и во Аман.

За министерот Османи, Северна Македонија е “уникатен модел на функционална мултиетничка демократија, пример за култура на компромис за помирување со соседите, земја која има витална демократија и може своето искуство и капацитет со претседавањето да го пренесе на оваа важна платформа на ОБСЕ чија суштина и длабока цел е да го обезбеди и зачува мирот“. (15 септември)

Државата се подготвува за најтешката зима, мерки за повеќе струја дома и апели да се штеди

Скопје – Претседателот на државата Стево Пендаровски ги посочи главните точки на планот на Владата за справување со кризата – ургентен увоз неопходни ресурси, зголемување на домашното производство и намалување на потрошувачката.

Премиерот Димитар Ковачевски на средбата со неговиот грчки колега во Атина Кирјакос Мицотакис договорил преку Грција, Северна Македонија непречено да се снабдува со лигнит, јаглен и мазут, а во случај на било какво ограничување од извозот од Грција тоа да не се воведе кај нас. Договарана е испорака на еден милион тони јаглен и 250.000 тони мазут.

Советот на Народната банка донесе одлука за поттикнување на кредитирање проекти поврзани со домашно производство на струја од обновливи извори. Исто така, со измените на Законот за градење, што се во собраниска процедура, се предвидува фотонапонските електроцентрали да можат да бидат поставени на објекти во индивидуална сопственост со моќност од шест киловати и односно на правни субјекти до 40 киловати. (15 септември)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.