Љубљана – Словенија поднесе барање за заедничкиот тендер на EuroHPC компанијата за добивање високопроизводна суперкомпјутерска машина со фабрика за вештачка интелигенција. Вредноста на проектот е 150 милиони евра, од кои, според министерката за дигитална трансформација Ксенија Клампфер до 75 милиони евра се предвидени за кофинансирање од ЕУ.
Во случај на успешна апликација, проектот значително ќе придонесе за развојот на словенечката економија, ефикасноста на јавниот сектор, напредокот на науката и зајакнување на меѓународната соработка, истакнаа од уредот на словенечката влада за комуникации при предавањето на апликацијата.
Новиот суперкомпјутер ќе ги надгради капацитетите кои ги нуди постоечкиот суперкомпјутер Вега и ќе овозможи изведување на сложени истражувања и развој на напредни решенија во областите како што се вештачка интелигенција, анализа на големи податоци, биотехнологија и еколошки науки.
“Покрај технолошкиот напредок, проектот ќе донесе и нови можности за вработување, ќе ја зајакне конкурентноста на словенечката економија и ќе ја зголеми препознатливоста на Словенија како напредна дигитална држава,” рече министрката Клампфер.
Словенија, исто така, поднесе и самостојна апликација на тендерот на заедничката компанија EuroHPC, откако на 4 ноември лани во првиот пријавен рок се придружи на конзорциумот со истражувачки центри од Италија, Словенија и Австрија. Во овој проект, кој е планиран во Болоња и веќе доби позитивен одговор на тендерот, Словенија соработува со пет милиони евра учество.
Ако Словенија успешно се пријави на тендерот, ќе вложи до 75 милиони евра за проектот за воспоставување суперкомпјутер со фабрика за вештачка интелигенција, а исто толку ќе придонесе и ЕУ. Од овие 150 милиони евра, 10 милиони ќе бидат наменети за фабриката за вештачка интелигенција, а збирната сума вклучува и пет милиони евра кои Словенија ќе ги придонесе за суперкомпјутерот во Италија.
Дали апликацијата на Словенија на тендерот EuroHPC беше успешна, ќе биде познато во рок од два месеци, според државната секретарка. (3 февруари)