Љубљана – Заводот за шумарство на Словенија потпиша договор со словенечката компанија Flycom Technologies за воспоставување и одржување на шумарскиот информативен систем, вреден 2,16 милиони евра. Ова е клучен дел од проектот еШумарство, а средствата ќе бидат обезбедени од националниот план за закрепнување и отпорност по пандемијата од ковид-19.
“Активностите за воспоставување на новиот систем ќе започнат веднаш по потпишувањето на договорот и очекуваме дека во 2025 година постепено ќе започнеме со преминот на новиот информативен систем, кој во редовна употреба во заводот за шумарство кај сите стручни служби ќе дојде во 2026 година,” изјави директорот на Заводот за шумарство на Словенија Грегор Данев при потпишувањето на договорот.
Клучните услуги што ќе ги поддржува новиот шумарски информативен систем се однесуваат на полето на одгледување, шумарски надзор, шумарско планирање, интервенции во просторот, сеча, шумарска техника и заштита на шумите.
Во рамките на овие области ќе бидат воспоставени неколку нови модули кои ќе овозможат поддршка на најсложените просторни анализи, планирање и исполнување на управувањето со шумите со главна задача на олеснување, оптимизација и надградба на јавната шумарска служба.
“За сопствениците на шуми и другите засегнати страни ова ќе значи поедноставена и поефикасна услуга, поддржана со поголем број податоци, намалување на бирократската тежина и побрзи и појасни информации за шумата и управувањето со неа,” објаснија. (27. септември)