Брисел – Примирјето меѓу израелската војска и палестинското исламистичко движење Хамас во областа на Газа мора да се одржи, изјави словенечката министерка за надворешни работи Тања Фајон пред состанокот на Советот за асоцијација ЕУ-Израел, на кој присуствуваше и израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Сар. Таа истакна дека и Израел мора да го почитува својот дел од договорот за прекин на огнот.
Исто така, неприфатлива е присилната преселба на Палестинците од Газа во Јордан и Египет, како што предложи американскиот претседател Доналд Трамп, додаде Фајон.
“Ќе предупредиме и на почитувањето на човековите права, меѓународното право и хуманитарното право,” рече таа.
Веќе на утринската расправа за Блискиот исток со колегите од земјите членки на ЕУ, таа истакна дека решението со две држави е единственото што може да гарантира трајни мир меѓу Израелците и Палестинците.
Состанокот на претставниците на ЕУ и Израел се одржа во рамките на договорот за асоцијација од 2000 година, кој ги уредува трговските односи помеѓу двете страни. Вториот член на договорот определува дека односите меѓу договорните страни се засноваат на почитување на човековите права и демократските начела.
Шпанија и Ирска уште во февруари минатата година ја повикаа Европската комисија, во светлина на израелските напади на Газа, да го преиспита договорот и по потреба да преземе мерки. Во тоа ги поддржа и Словенија. (24. февруари)