Скопје – Нашата држава на систематски начин се вклучува во процесот на изнаоѓање одговор во рамки на европскиот глобален пристап за справување со регуларни и ирегуларни миграции при што остануваме посветени на заедничката соработка во борба против криумчарењето мигранти, истакна техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски во своето обраќање на министерската конференција на Брдо процесот што се одржува во Крањ.
Тошковски на маргините на министерската конференција во Крањ оствари билатерална средба со словенечкиот министер за внатрешни работи Боштан Поклукар на која се разговараше за неколку прашања од заеднички интерес на двете држави.
– Од министерот Поклукар побарав да продолжи соработката во делот на обуките за хеликоптерските единици, а воедно ја истакнав и потребата од интензивирање на процедурите за меѓусебно признавање на возачките дозволи. На крајот се заблагодарив за разбирањето што го има Словенија за проблемот со патните исправи, како и за силната поддршка што ни jа дава на патот кон нашето полноправно членство во Европската Унија, изјави Тошковски.
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.